Калинката е плод богат со ситни семки кои прават чуда за нашиот организам. Во зимските месеци, ова овошје е повеќе од добредојдено на нашата трпеза.
Освен што е богата со бројни витамини и минерали, антиоксиданси и други вредни состојки, калинката е природно оружје против вирусите и настинките, и е една од најдобрите овошки за подобрување на имунитетот.
Освен како овошје, можете да ја користите и за многу други намени. Еве три од нив.
Желе од калинка
Доколку сакате да ги инспирирате домашните на еден поинаков, а бомбастичен десерт полн витамини, желе од калинка е вистинскиот избор. Свежо исцедете сок од една калинка, промешајте го со малку шеќер и желатин и оставете го во длабоки чинивчиња да се стегне. Ќе бидете изненадени колку ќе ве освежи вкусот.
Чај од кора од калинка
Доколку ве „фати“ стомакот или имате подуеност, сте настинале или имате некакви потешкотии со дигестивниот тракт, овој чај е навистина лековит. Кога ќе ја лупите калинката, не ги фрлајте корите. Соберете ги во една ќесичка и оставете ги природно да се исушат. Секогаш кога ќе имате некаков дигестивен проблем, налејте литар вода во тенџерче, ставете неколку кори од калинката и сварете си чај. Пијте го во интервали од 6 часа во текот на еден ден и ќе забележите разлика.
Балсамико од калинка
Ако сакате невообичаен вкус на вашите јадења со зачинето балсамико, ова е супер предлог за вас. Во стаклен сад ставете литар оцет и во него иситнете две големи калинки. Покријте со капак и оставете да стои 30 дена на суво и ладно место. Потоа процедете го оцетот и чувајте го во стаклено шишенце. Ќе имате незаобиколен зачин за сите ваши салати.