Граѓаните да не излегуваат надвор без неопходна потреба, да конзумираат топли напитоци и храна што ја одржува температурата на телото, да избегнуваат алкохол и соодветно да се облекуваат.
Во случај на екстремно ниски температури за заштита на здравјето на населението, се препорачува избегнување физичка активност на отворено, користење топла, повеќеслојна облека и соодветни обувки за снег и мраз и внимателно одење.
Се препорачува граѓаните што е можно повеќе да бидат активни и да се движат во затворени простории, да го проверат греењето во домот и доколку се во можност да помогнат на членовите на фамилијата, соседите или пријателите кои спаѓаат во ризичните групи на население.
Ранливите групи на населени, како старите лица се препорачува да се облекуваат потопло, бебињата почесто да се проверуваат дали се загреани, срцево болните да избегнуваат тешки вежби и редовно да земаат лекарства, бидејќи се изложени на зголемен ризик за можни здравствени последици при студено време.
Доколку граѓаните забележат лице од ризик од студено време како бездомник или деца на улица, истото да го пријават на бесплатниот телефон 15 505.
Службите за медицина на труд имаат обврска да обезбедат соодветни информации на работодавачите и работниците кои работат во услови на ниска температура за постоечкиот ризик како и примена на соодветни мерки за справување со ризикот од ниски температури.
За работодавците се препорачува да воспостават план на делување при работа во услови на студ и ниски температури, да се запознаат работниците со опасностите на кои се изложени при работа на отворено и со мерки кои треба да се превземат со цел за заштита на живот и здравје на работниците, во екстремно студени услови, да се обезбедат кратки прекини во работата во топли засолништа и да се организира работата во најтоплиот дел од денот и да се скратат периоди на работа надвор.
На работниците им се препорачува да се запознаат со знаците и симптомите на заболувањата и повредите предизвикани од студ, да користат слоевита, комотна и топла облека за студено, влажно и ветровито време, со капи, соодветни обувки, ракавици и да консумираат поголеми количества топли, засладени напитоци и да избегнуваат пијалоци со кофеин и алкохол.