Сигурна сум дека не постои човек на планетата Земја кој не го сака летото, но исто така сигурна сум и дека не постои човек кој ги сака комарците, а токму тие – комарците некако се поврзани со летото.
Штом ќе почнеме да носиме помалку облека заради високите температури, од една страна ќе бидеме среќни затоа што ќе се сончаме и затоа што директно ќе го добиваме витаминот Д од сонцето, а од друга страна ќе бидеме и помалку тажни затоа што летото е токму сезона на комарците во која тие се гостат со нашата крв.
Не само што убодот од комарците е непријатен а понекогаш и болен, а чешањето после убодот досадно до немај каде, туку исто така комарците можат да бидат и причинители за добивање на некоја заразна болест, како маларија или нилска треска на пример.
За да се избегнат убодите од овие непосакувани непријатели постојат безброј медицински препарати, кои од една страна помагаат, а од друга страна предизвикуваат непосакувани реакции и алергии на кожата, поради големиот процент на хемикалии во нивниот состав, кои најчесто се употребени во количина која е високо над дозволената горна граница.
Природниот начин на лекување и заштита секогаш треба да ни биде пред сите други медицински препарати и хемикалии, па и во овој случај тоа треба да е така.
Постојат голем број природни состојки кои поради нивниот специфичен мирис комарците воопшто не можат да ги поднесат и поради кои ја избегнуваат нашата кожа.
Информирајте се за некои од нив, кои се надевам ќе ви бидат од голема корист ова, а и наредните лета и уживајте во летните сончеви денови како никогаш до сега.
Банани
Внатрешната страна на лушпата од бананите се покажа како одлична заштита од убодот од комарци. Со парче лушпа премачкајте ги деловите каде рацете и нозете се преклопуваат и каде најчесто потат, на внатрешната страна на лактите и на внатрешната страна на колената и бидете сигурни дека комарците нема ни да помислат да дојдат во ваша близина.
Лаванда
Специфичниот и пријатен мирис на лавандата е најголемиот непријател на досадните комарци. Во маслиново, бадемово или бебешко масло ставете неколку капки есенцијално масло од лаванда и премачкајте ги голите делови на телото. Не само што ќе бидете заштитени од комарците, туку во исто време со вака подготвеното масло ќе ја подобрите еластичноста на кожата.
Лимони
Ако веќе некако комарците стигнале до вас и ве искасале, за да го спречите неподносливото чешање кое некогаш знае да биде и болно, премачкајте ги деловите на кои сте каснати со кора од лимон. На тој начин чешањето во голема мера ќе се намали, а вие ќе се чувствувате многу порелаксирано и поотпуштено.