Со оглед на тоа дека расте бројот на новозаразени со корона вирусот Covid-19 ширум светот, возрасните, но и децата наидуваат на најразлични информации во врска со епидемијата.
Многу извори, но и многу дезинформации. Децата имаат пристап до сите медиуми исто како и возрасните, но не знаат исто како нив да разликуваат веродостојна од погрешна информација. Како родителите најдобро да им објаснат на децата што претставува корона вирусот, епидемијата со Covid-19 и како може да се заштитат, без да звучат параноично и да ги исплашат?
Корона вирусот е актуелна тема која со сигурност допрела до нивните уши и умови кои впиваат сѐ како сунѓер, а децата поставуваат искрени и директни прашања.
Ако сте родител, може да слушнете прашања од вашите малолетни деца поврзани со епидемијата на Covid-19, како: „Дали ќе се разболам и јас?“, „Дали ќе го затворат училиштето?“, „Дали баба и дедо ќе умрат ако се разболат?“
Ризикот од зараза со корона вирусот Covid-19 кај децата како возрасна група е многу низок, но како родител секако сте загрижени за здравјето на своето дете и ризиците со кои може да се соочи. Затоа треба да имате конкретни, јасни и недвосмислени одговори со кои ќе му влеете доверба на детето и нема да му ги префрлите вашите грижи.
Имајте контрола врз ситуацијата
Тонот на вашиот глас игра голема улога кога разговарате со детето за корона вирусот. Помогнете му на детето да одржи дистанца меѓу него и опасноста од зараза, така што ќе го подучите како се шири корона вирусот и што може да направи за да го намали ризикот, како на пример потемелно миење и сушење на рацете.
Наместо да зборувате за вирусот како за „Баба Рога“, поучете го детето да прави работи кои самото може да ги контролира, на тој начин давајќи му самодоверба и чувство на способност:
Рацете да ги мие често со вода и сапун и потоа темелно да ги исуши
Научете го детето да кива и кашла во лакт наместо во дланки
Кога кива или кашла во дланка веднаш да ги измие рацете, а ако користи хартиено марамче да го фрли веднаш по употреба
Ако почувствува дека има температура да ви каже вам или на друг возрасен околу него
Да внимава да не го допира лицето (очите, носот, устата) кога не му се измиени рацете
Совети за родителите:
- Не користете антибактериски гелови за чистење на рацете на деца под 2 години
- Не му давајте на детето да носи антибактериски гел со себе пред да научи како правилно да го користи
- За децата набавете антибактериски гел без алкохол
- Децата смеат да користат разумни количини на антибактериски гел за чистење на рацете најмногу 5 до 10 пати во денот. Ако забележите сушење и пукање на рацете кај детето, веднаш прекинете ја употребата на антибактерискиот гел.
- Разговарајте јасно и искрено
Како возрасни луѓе, родителите имаат искуство во правење проценка на ризик со кој се соочуваат, но децата ја немаат целосно развиено таа вештина, барем не на ниво на проценка на ризик од зараза. Секој родител треба да направи проценка на нивото на загриженост на детето во врска со епидемијата на корона вирусот. Потоа, со смирен глас и јасен и едноставен речник да им објаснат што значи да се биде болен од Covid-19. Обидете се со реченици како „Тоа е исто како настинка или кога те боли грло“, за да не го сфатат како нешто ужасно страшно.
Децата можеби слушнале или прочитале дека постарите луѓе спаѓаат во ризична група. Во врска со прашањата за нивните баби и дедовци, ако се генерално здрави индивидуи, кажете им на децата дека се здрави и дека добро се грижат за своето здравје, па нема потреба тие да се грижат за нив.
Не одбегнувајте да одговорите на прашање на кое го знаете одговорот, а ако не знаете, бидете искрени и кажете му на детето дека ќе му одговорите кога ќе ја имате точната информација.
Ако забележите дека детето е исплашено, смирете го и не го третирајте неговиот страв како каприц. Повторете го разговорот повеќе пати, со трпение, додека не сте сигурни дека детето разбрало. И секако, сите совети за детето поддржете ги со личен пример.
извор: Кајгана