Честите температурни промени и студеното време значително придонесуваат за зачестување на настинките и вирусните инфекции, поради ослабениот имунитет. Прочитајте што треба да сторите за да го зајакнете имунитетот и со тоа, да се заштитите од настинки и инфекции во текот на зимата.
- Добро наспијте се
Болестите и ненаспаноста одат рака под рака. Кога не сте доволно одморени, телото и умот не функционираат онака како што треба, што Ве прави поподложни на инфекции.
- Често мијте ги рацете
Не е ни чудо што сите доктори препорачуваат често миење на рацете, особено во сезоната на вируси и настинки. Според статистиките и истражувањата, дури 80 проценти од сите инфекции се пренесуваат преку допир. Можете да го преполовите ризикот од инфекција со самото тоа што ќе ги миете рацете најмалку 5 пати во денот.
- Не пушете и не пијте алкохол
Еве уште една причина зошто да се откажете од пороците. Според најновите истражувања, цигарите и алкохолот не само што го зголемуваат ризикот од настинка, туку тие настинки траат подолго и се далеку подрастични од обично. Чадот од цигарите ја суши слузокожата во носот и белите дробови, а алкохолот предизвикува дехидрација.
- Повеќе витамин Д и сончева светлина
За време на зимата, доаѓа до пад на нивото на витамин Д во организмот, со оглед на тоа што многу повеќе време минуваме на затворено. Овој витамин е клучен за добриот имунитет, но најчестиот извор претставува сончевата светлина. Доколку не можете да поминувате доволно време на сонце, тогаш барајте храна богата со витамин Д, како што се: јајца, лосос, ракчиња и млеко.