На престојниот Tokyo Motor Show, Toyota настапува со неколку концепти вклучувајќи и миниван кој комбинира врвна удобност при возењето и погонски систем со гориво за кое јапонскиот производител верува дека е иднината на патниот сообраќај.
За поедноставно да го објасни возилото, Toyota буквално го нарекла Fine-Comfort Ride Concept.
Автомобилот се карактеризира со флуиден, футуристички надворешен дизајн, и супер комфорен патнички салон, каде што, наместо традиционалните седишта се наоѓаат четири удобни фотељи, кои може да се движат напред и назад, но, исто така и да ротираат околу вертикалната оска, така што патниците можат да седат и свртени едни кон други.

Нормално, некој треба и да управува со возилото, а одговорот за тоа е дека овој концепт е дизајниран како самовозечки автомобил – доколку е потребно, компјутерот целосно ги презема командите, а патниците, вклучувајќи го и возачот, може да са се релаксираат со пријатен разговор, лице в лице.

Покрај тоа, фотељите имаат додатоци за одмарање на нозете, кои се извлекуваат од под седиштето, па патниците можат и да дремнат во полу-легната позиција. Покрај четирите фотељи, концептот има и трет ред на седишта, или софа на која може да патуваат уште 3 лица, но со помалку комфор.
Toyota е еден од првите производители кои на купувачите понудија сериски автомобил со водород како погонско гориво – моделот Mirai.
Во системот на горивни ќелии, во самото возило, водородот произведува електрична енергија која всушност го придвижува автомобилот, а нус-производ на овој процес е чиста водена пареа, па затоа возилата на водород погон се чини дека се прифатлива еколошка алтернатива на сегашните модели со мотори на бензин и дизел гориво.
Toyota смета дека возилата со водородни горивни ќелии ја претставуваат иднината на патниот сообраќај, па токму затоа и овој концепт е со овој погон.
Според јапонскиот производител, со полн резервоар, миниванот може да помине до 620 километри без запирање, а дополнувањето на гориво трае само 3 минути.
Извор: Додајгас.мк