Македонија и македонската јавност неодамна се прости од еден од најпознатите македонски композитори и диригенти, великиот Александар Џамбазов.
И уште болката не стивнала, раните ниту оддлеку не почнале да зацелуваат, душата не се смирила, а срцето се’ уште не го оплакало, дојде денот на кој да беше жив, маестро Џамбазов ќе наполнеше 86 години. За жал, овој роденден не го дочека за малку, но затоа пак неговиот син, познатиот актер, водител и шоумен Игор Џамбазов не го заборави важниот датум.
По последното испраќање во вечноста на маестро Џамбазов, Игор се повлече во своето старо прибежиште, Дојран, каде ја минува зимата. При тоа се сети дека денес е роденденот на неговиот покоен татко, великиот маестро кој има напишано безброј песни како за деца, така и за возрасни, од кои најзастапени се токму оние фестивалските шлагери од седумдесеттите испеани како самостојни песни или фестивалски рефрени.
Со гитарата в рака и токму со еден од најубавите рефрени на маестро Александар Џамбазов, синот се присети да го одбележи денот на неговото раѓање, па Игор го отсвире и отпеа еден од најубавите шлагерски рефрени на покојниот композитор – „Довидување“.
Песна испеана на македонски јазик од легендарната Јосипа Лисац кога била многу млада и немала ниту 20 години кога ја извела оваа тема на еден од Скопските фестивали на забавна музика, на кој и самиот маестро Џамбазов бил диригент.
„Денес, маестро Џамбазов ќе наполнеше 86 години. Ова е еден од неговите најубави рефрени… Довидување, маестро мој…„ – напишал Џамбазов покрај споделеното видео на кое во чест и сеќавање на роденденот на својот неодамна починат татко, на маестро Александар му ја отпеа најубавата песна.
View this post on Instagram
Фото: Инстаграм принтскрин/igordzambazov