Македонската поп дива по паузата што ја направи, конечно има нова песна. Очигледно хемијата која не е само професионална иако нивниот животен пат оддамна е раздвоен, е доволно силна Калиопи и Ромео Грил да влезат во нова музичка симбиоза. Производот од неа е уште една силна и емотивна балада насловена „Пресуда“… како дел од она што одвнатре го носат во себе авторот и пејачката, а е веројатно и дел од нивната заедничка стварност.
„Пресуда“ е тема која поприлично звучи автобиографски иако во суштина е женска песна, а комплетен автор на музиката, стиховите и аранжманот е Ромео Грил. Но тоа очигледно е така, заради тоа што веројатно само тој најдобро ја познава длабочината на душата на Калиопи, па затоа најдобро и знае да и го погоди нејзиниот сензибилитет, емоциите, вокалната експресија која таа ја дава од себе во изведбите на секоја негова песна.
Едноставно животот и работата, приватното и професионалното, дарбата и емоцијата, кај нив како авторско-изведувачки тандем и некогашни животни сопатници се испреплетени, што дури и по животниот расплет тоа клопче течко се одмотува. И добро е што е така, зашто музичкиот производ што произлегува од таа „хемија на душите“ на некогашниот брачен пар раѓа уметност, во случајов уште една моќна балада како што е „Пресуда“, која пеејќи ја на „српскио-хрватски“ јазик, Калиопи јасно дава до знаење кон кој пазар и се насочени амбициите.
Подуцент на темата е исто така Ромео Грил, а истата е снимана во ГМП студио во Базел-Швајцарија и Морис студио во Загреб – Хрватска, а песната ја снимале Дон Карло Џовани (Базел) и Филип Видовиќ (Загреб), кој стои и зад миксот и мастерингот.
Екранизацијата на „Пресуда“ во која самата Калиопи е доволна да ја направи целата драматика, со своите актерски способности визуелно пренесувајќи ја емоцијата од стиховите и музиката, ја потпишува извесна НН Медиа.
Погледнете премиерно како сето тоа звучи и изгледа: