Музичарите, естрадните уметници, ДЈ-ите, ивент индустријата и угостителите… вчера, среда, 7-ми октомври 2020 година, го одржаа најавениот на протест пред владата на Република Македонија.
Бројката од околу 1000 нивни претставници и претставниците на нивните здруженија беше доволна, а гласноста многу посилна од владините пропишани „55 децибели“ да се слушне нивниот глас за можност да го остварат своето елементарно право на вршењето на својата работа и дејност, а со тоа и остварување на сопствената егзистенција за нив и нивните семејства, како и за нивните вработени и нивните фамилии.
Иако масовноста не беше мала, сепак можеби многумина очекуваа протесниот собир да биде уште помасовен, особено што на него не се појавија токму оние „уметници“ кои не ретко знаат да бидат најгласни токму во реакциите на социјалните мрежи, по кулоарите, па и во кабинетите и канцелариите по институциите… Особено кога се делат државни или поточно, наши, народни пари за разни нивни „тезги“, платени настапи за различни прослави, партиски или изборни митинзи, манифестации, нови години, плоштади, питијади, пиво, вино, не знам веќе какви се’ не фестови и фестивали, каде токму истите се први во редот да се закачат на „државна цицка“, па да качат на сцена! Тогаш се најгласни, најбунтовни, најкритизерски расположени…!
Ги гледавме пред владата по шаторите и бината кога нивните ментори и финансиери беа во опозиција, ги гледаме и сега кога истите се на власт, па и тие со нив, во уште подобра позиција да „цицаат“ од веќе споменатата „државна цицка“, од „вимето“ наречено буџет, за што и да е!
Но, тоа е само едната страна, едното лице на длабоката поделеност во сите сегменти кај народот на оваа земја, за некои се’ уште само Македонија, за споменатите прекрстена во Северна! Покрај политичката поделеност, протестот на музичарите, ДЈ-ите, продуцентите, ивент индустријата… ги покажа всушност сите лица на поделбите по разно-разни основи!
И што е најинтересно кога е голата егзистенција во прашање, тие не се нималку по национална основа, зашто, како што спомена и организаторот во своето обраќање, а можеше да се види и на самиот протест, а и на бината, својот револт и незадоволство го изразија преставници на естрадно-музичко-угостителската фела од сите националности кои живаеат во Македонија. Нивни претставници, но не по национална, туку по еснафска основа говореа од бината за своите маки и проблеми предизвикани од Ковид 19 пандемијата, која не погаѓа сите.
Поделбите се многу почудни и понелогични. Очигледно беше дека најбројни на протестот беа „народњаците“. И тоа од оние најголемите македонски пејачки и свирачки фолк ѕвезди, како Наум Петрески, Благоја Грујовски, Ферус Мустафов, Ванчо Тарабунов, Анета Мицеска – Молика, Мишко Крстевски, Маријан Коцев, Ирена Спасовска, Сузана Гавазова, Сани Гроздановска, Тања Јовановска – Трајкова, Кате – Соната, Адријана – Кеш, Ирена Вељовска… и уште еден куп соло изведувачи и членови на групи како „Респекти“, „Балкан бенд“, „Скопски боеми“…
Па дури и некои млади македонски „Гранд ѕвезди“ како Стефан Величковски на пример или модната фела преставувана од Мики Црнокрак, беа пред владата. Кој повеќе, кој помалку погоден и обесправен, ама сепак дојдоа и да протестираат за себе, а и да им дадат поддршка на колегите. Покрај нив стотици други помалку или повеќе познати музичари беа со нив.
Колку и да изгледа за пофалба нивната сплотеност, човечка или заради заедничката мака што ги мачи, повеќе од очигледно беше дека другата страна од естрадната фела изостана.
Имено, таканаречените „забавњаци“, особено “ѕвездите“ од македонската поп или ар ен би естрада никаде ги немаше. Додека најголемите, најпопуларните и најпознатите кај фолкерите излегоа на улица, овие си останаа дома! Приказните што веднаш почнаа да кружат се сведоа на божемни оправдувања и квалификации дека тие не припаѓале помеѓу „народњаците и тезгарите“, дека нема што да бараат со „сељаците“?!! Доколку е навистина така, тогаш е крајно неколегијално, навредливо, срамно, тажно и трагично!
А всушност зад тоа се крие нешто сосема друго. Најмногу политика, помалку страв и плашливост, а најмалку инертност и безволност. Првото – заради личните интереси, релации и корелации со власта, нејзините и нивни спонзори од олигархијата и поситните „трговци“, второто – стравот да не се биде обележан и ставен во немилост при добивањето државни тезги и спонзорства, последното – опшатата апатија и неверување дека било што во оваа земја може да се промени!
Секоја чест на оние од рок ен рол фелата, помалку или повеќе познати лица кои се појавија на протестот пред владата, како некои од членовите на „Меморија“, „Ласт Експедишн“, „Суперхикс“… и музичарите од останатите повеќе или помалку познати рок бендови.
Како и на малкумината, кои на прсти можеа да се избројат од „џез, поп, ар-ен-би, рап…“ сцената како Џон Илија Апелгрен, Панчо – ДНК или Тони – Зен и секако ДЈ-ската фела, кои покажаа и желба и волја и „ма*иња“ да кажат дека вака веќе не оди!
Алтернативната сцена тесно поврзана со „шарената револуција“ и нејзините „шарени колективи“ кои денес дебело цицаат од Град Скопје, МКЦ, Универзална сала, КИЦ… и другите државни „вимиња“, не мора ни да споменеме дека беа „први перјаници на улицата“ само додека не седнаа во удобните фотелји на власта и нејзините институции. Сега нивниот сон од „улични глувци“ еден ден да станат „канцеларсики стаорци“ е остварен, па зошто тогаш би се бунтувале и протестирале, нели?
Кај ивент индустријата истата приказна. Поделени на оние со и против власта, на бивши и сегашни „цицачи“, а некои и тогаш и сега, некои ниту тогаш , ниту сега… Едните не ги поддржуваат другите, а со тоа ниту протестот на кој тие што ќе се појават на него, автоматски се против другите. Раздор до срж’… до коска! Распукано по сите шавови, расцеп по многу основи, а проблемот еден ист за сите: Како да се живее и преживее од музика? Од добра заработка, очигледно сме сите далеку! Или можеби, не баш сите!!?