Шпанските градови Мадрид, Барселона, Валенсија и Севиља веќе ви се добро познати, но Шпанија изобилува со помали градови кои се всушност вистински бисери.
Во продолжение ви претставуваме 6 градови во Шпанија кои треба барем еднаш да ги посетите:
Сонливата Саламанка
Грациозната архитектура и прекрасната атмосфера го прават овој град неизбежна дестинација на рутата од Мадрид до Лисабон. Во градот се наоѓаат дури две катедрали и впечатлива универзитетска зграда кои датираат од 15-тиот век. Додека шетате по градските улици, ќе имате чувство како да сте на сет на некој филм. Во текот на денот ќе ги забележите имињата на улиците на рачно насликаните табли, а навечер можете да го почувствувате младешкиот амбиент на градот кој врие од студенти.
Заводливата Замора
За да стигнете до овој град ќе треба да поминете преку средновековниот мост над реката Дуеро. Повеќе од 20 романескни цркви, средновековен замок како и згради во арт деко стил се доволна причина за да ја посетите Замора, а тука се наоѓа и познатиот музеј на скулптури „Балтасар Лобо“. Особено е импресивна процесијата во текот на Светата недела.
Сензационалната Сеговија
На само еден час возење северозападно од Мадрид е сместено ова прекрасно гратче најпознато по римскиот аквадукт кој датира од 1-от век и Алказар, дворец кој наликува како да го изградил Волт Дизни. Градот се гордее и со најмодерната готска катедрала во Европа. Во Сеговија ќе ја пронајдете совршената комбинација на архитектура и гастрономија која е навистина штета да ја пропуштите.
Рустичната Ронда
Ронда ги остава без здив и најскептичните туристи. Сместена во Андалузија, на 150 метри висока карпа, на Ронда можете да ѝ се воодушевувате и од мостот Пуенте Нуево. Во архитектурата на градот совршено се оцртува влијанието на Арапите, Римјаните и католичките свештеници, а камените улички водат до една од најстарите шпански арени за борба со бикови.
Таинствениот Толедо
За многумина, Толедо е еден од најомилените шпански градови. Во него ќе се чувствувате како да сте зачекориле во некој друг век. Импресивните ѕидини и градските порти се првото нешто што ќе ве воодушеви, а по еден час прошетка низ градот ќе стигнете до Мирадор, место кое овозможува панорамски поглед на целиот град.
Шармантниот Виго
Раздвижениот пристаништен град е полн со љубезни жители и врвни деликатеси. Локален специјалитет е октоподот, што не е ни чудно со оглед на тоа дека градот е сместен на брегот на Галициското море и секој ресторан може да се пофали со сопствена верзија на јадења од октопод. Она што го прави посебно привлечен за туристите е тоа што во него цените се попристапни од извиканите шпански градови, а на само 45 минути возење со траект се наоѓаат островите Циес кои можат да се пофалат со едни од најубавите плажи на светот.
Извор: точка.мк