Прерано починатата пејачка Ејми Вајнхаус на својот последен ден беше пронајдена мртва во својот дом во Камден, северен Лондон. Таа со години се бореше со зависноста од дрога и алкохол, а кратко пред да почине, започнала повторно да пие.
Докторката Кристина Ромет разговарала со Ејми кога ја посетила вечерта пред таа да почине. Подоцна во текот на истрагата рекла дека пејачката признала дека започнала повторно да консумира алкохол по долг период на апстиненција.
Вајнхаус наводно ја прифатила сериозноста на својата состојба и ладно ѝ кажала на докторката: “Не сакам да умрам”.
Ромет открила дека на Ејми ѝ бил препишан лек кој требало да ѝ помогне полесно да се сноси со симптомите на одвикнување од алкохол. Меѓутоа, и покрај својата слабост, пејачката одбивала било каква ментална помош, а докторката открила пред судот дека го правела тоа бидејќи се плашела дека лошо ќе влијае на нејзината креативност.
“Таа беше една од најинтелигентните млади жени кои некогаш сум ги сретнала. Беше одлучна сè да биде по нејзино, вклучувајќи ја и терапијата. Имаше многу строги погледи кон тоа”, раскажала Ромет на сослушувањето.
Опишувајќи ја состојбата во која била Ејми вечерта пред да почине, докторката рекла дека делувала “смирено и како да чувствува некоја вина”, но и дека била “потпивната, но во состојба да разговара”.
Докторката рекла и дека Вајнхаус признала дека повторно започнала да пие на 20-ти јули, само три дена пред да почине. Кога ја прашала дали планира повторно да престане да пие, Ејми рекла дека не знае.
“Советите кои ѝ ги давав на Ејми долго време беа во пишана и во говорна форма. Ѝ зборував за ефектите кои алкохолот ги има врз организмот, вклучително и респираторна депресија и смрт, проблеми со срцето, проблеми со плодноста и со црниот дроб”, додала докторката.
Во текот на истрагата било заклучено дека Ејми умрела од “случајно труење со алкохол”.