Македонското ОН ЛАЈН(О) новинарство, ако воопшто може и да се нарече дека тоа е новинарство, го заслужи претходно, со големи букви напишаниот „епитет“ за сите пари! Во нерегулираните со закон односи во дигитално-информативната сфера (не) се знае кој од кого повеќе краде… Или се знае, ама не се санкционира, а за количеството на глупости на мал простор и да не зборуваме. Една лага, непроверна информација или погрешно пренесена вест, создава домино ефект од дигитални интернет глупости… Без никој да праша, да провери, да се потруди барем да дознае, тоа што го „дрпнал“, дали е така, дали е вистина?
Вакавата состојба е секојдневие кај македонските портали, па освен, чест на исклучоците кои нешто пишуваат и продуцираат сопствени текстови и написи, останатите се „ресавска школа“. По принципот „копи – пејст“ си „штанцаат“ вести на туѓ грб, без уво да ги боли да ли е тоа нечие авторство и дали воопшто тоа што го „прекопирале“ од туѓиот на својот портал воопшто е точно!
Последниот пример од вчера, понеделник, 23 октомври е уште еден доказ кој го потврдува правилото.
Вистина.мк уште на почетокот на годинава прва објави за љубовта помеѓу македонскиот репрезентативен ракометен чувар на мрежата Борко Ристовски и неговата девојка, убавата Николина Нина Ристовска. На нашиот портал следеа серија написи за нивната врска, за љубовната романса која очигледно почна да прераснува во нешто посериозно. Дека Николина чека бебе знаевме исто така први, но не беше ред да објавиме нешто што не е потврдено од оние кои утре ќе бидат негови родители. Чекавме веста токму таа и „министерот за одбрана“ први јавно да ја соопштат. И дочекавме…
Ние, ама не почекаа и тие – „генијалците“ од новинари, па побрзаа да бидат први.. Во објава на уште една глупост – секако! Така, што се вели „уште не забременета“, се потрчаа Николина да ја породат, па нејзе и Борко ги прогласија за родители на се’ уште нероденото дете, и објавија дека македонскиот голман станал татко!
Прво еден портал, па по него „домино ефектот на украдени вести“ си го направи своето, и … Ете ти редица од неточни и лажни информации за една иста работа за само неколку часа!
А, ВИСТИНА-та е всушност сосема поинаква. Да точно е… Борко Ристовски ЌЕ стане, ама се’ уште не станал татко! Неговата Николина е трудна и тоа во 5-ти месец од бременоста, што значи бебето е на пат!
Жената покрај постираната фотографија на која се гледа трудничкото стомаче, убаво си напишала на својот Фејсбук профил. И со зборови и со симболи: „Најголемата среќа на светот…Машко бебе на пат… 5-ти месец бремена“.
Само некој треба да знае да чита… Ама очигледно – не знае! А, камо ли да пишува!