Промотер

Давид Темелков во Венеција и пееше – „Љубави“ (ВИДЕО)

Давид Темелков во Венеција и пееше – „Љубави“ (ВИДЕО)

„Сè е во знакот на ’Љубовта’! Нова песна и видео од авторската работилница на музичкиот волшебник Мирослав Рус“ – со овие зборови  Давид Темелков ја најави својата нова песна и видеото за неа  насловено  „Љубави“, чија премиера се случи завчера, на 16 јануари 2018. Песната ја следи и одлична видео-приказна, која е снимена во еден од најромантичните градови на светот – Венеција, а во неа талентираниот скопјанец  на  привремен престој во Загреб е во прегратките на атрактивната бринета Сара Спинчиќ.

„Задоволство ми е да го претставам својот нов проект со  Давид Темелков. Станува збор за младо момче, кое дојде од Македонија и стана наш сограѓанин во Загреб, што ми е многу мило, бидејќи станува збор за извонреден талент кој на некој начин ме врати во композиторските води. Можам скромно да речам дека песната најавува еден вистински албум што го подготвивме. Давид е исклучително талентиран, музички образован и носи темперамент и начин на пеење кои ги негуваат пејачите од тоа подрачје“  – ќе  изјави Рус за соработката со Давид.

Со оваа песна продолжува успешната соработка што започна со последната песна на Давид, „Љубав на даљину“.

„Песната ’Љубави’ ја создаде големиот автор Мирослав Рус, во издание на ’Хит рекордс’. Огромна чест и задоволство е да се работи со човек како него. Самата композиција беше едно неочекувано изненадување кое Рус го сподели со мене, преку телефон, за време на мојот престој во Македонија. Во целата приказна, како и во самата песна, се вљубив веднаш, а текстот го запаметив од едно слушање. Создавајќи ја истата, долго размислувавме како сето тоа треба да звучи на крајот. Самиот предлог за снимање на видеото во Венеција го даде Рус, а волку убава песна заслужува и одлично видео снимено во еден таков прекрасен град. Се потрудивме да го дадеме најдоброто од себе, а вам ви останува да просудите дали сме успеале во тоа – рече Давид.

За видеото, кое освојува со кадри од градот со 350 мостови и 170 канали, заслужна е младата и креативна екипа на „Хит продукција“, предводена од режисерот Јосип Шуќер. Посебна атракција се кадрите од Венеција прекриена со магла, што е ретка појава, а која успеале да ја пренесат и во самото видео кое можете да го погледнете во продолжение.

To top