Огнената стихија која во понеделникот ги шокираше Парижани, немилосрдно гореше неколку часа, уништувајќи ја 8 векови старата катедрала Нотр Дам, симболот на Париз и Франција.
Пожарот беше толку силен што пожарникарите успеаа да влезат во катедралата дури утрината, а таму ги пречека неверојатна глетка која стана топ вест и можеби најдобрата вест која што пристигна после катастрофата.
Насекаде запалени остатоци од засекогаш уништените уметнички дела, делови од срушениот покрив и кула, пепел и во средината – недопрениот централен крст. Тоа била сцената која ги пречекала пожарникарите кои девет часа се бореа со огнот и успеаа да ја спасат Нотр Дам од целосно рушење.
Покрај тоа што е сочуван главниот централен крст кој пожарот не успеа да го уништи, за некое чудо, само неколку дена пред избивањето на катастрофалниот пожар во Нотр Дам, односно минатиот четврток, неколку религиски статуи биле симнати од врвовите на градбата за прв пат после 100 години, како дел од реконструкцијата.
Кранот висок 100 метри во четвртокот бил користен да се спуштат 16-те бакарни статуи кои ги претставуваат 12-те апостоли и 4 евангелисти. Статуите, секоја висока по околу три метри, биле испратени на југот на Франција каде ќе се реставрираат.
извор: точка.мк