Живот и Стил

Чоколаден сутлијаш со кокос, здрав, брз и многу вкусен десерт

Чоколаден сутлијаш со кокос, здрав, брз и многу вкусен десерт

Сутлијаш во сосема друга варијанта – измешајте чоколадо, ориз и кокос и уживањето е загарантирано!

Состојки:

1 чаша ориз

2 чаши вода

0,5 литри млеко

5 лажици кокос

3 четвртини чаша шеќер (може да биде кафеав или некој друг природен засладувач)

1 жолчка од јајце

100 гр чоколадо

100 мл неутрална павлака

Подготовка:

Ставете чаша ориз во тенџере и истурете две чаши вода и ставете да се вари. Во меѓувреме, во друго тенџере ставете 5 лажици кокос и 0,5 литри млеко, кои ќе ги варите на средна температура, за млекото да добие арома. Кога водата ќе испари од оризот, исцедете го млекото и истурете го во оризот. Секако, потоа додадете ¾ чаши шеќер и прстофат сол.

Постојано мешајте и не дозволувајте да загори. Кога оризот ќе се свари, тргнете го од оган и додадете една жолчка. Добро промешајте и истурете ја смесата во чинии или теглички.

Додека пудингот се лади, загрејте 100 ml неутрална павлака до точката на вриење. Потоа ставете 100 гр црно чоколадо, кое претходно сте го исецкале за полесно да се стопи, во сад во кој ќе истурите топлата павлака. Мешајте ја смесата додека убаво не се соединат чоколадото и павлаката. Истурете ја оваа чоколадна смеса во садовите со оризот.

Резултатот е лесен десерт кој изгледа одлично ако се сервира во проѕирни чинии.

Пријатно!

извор:попара.мк

To top