Живот и Стил

Бројот на познати видови пајаци достигна 50.000

Бројот на познати видови пајаци достигна 50.000

Според новите сознанија, во светот има 50.000 видови пајаци, а можно е да има и двојно повеќе, но сѐ уште не се откриени, сметаат научниците.

„Светскиот каталог на пајаци“, кој му припаѓа на Природонаучниот музеј во швајцарската престолнина Берн, минатата недела го регистрираше 50.000-тиот вид пајак, наречен „Guriurius minuano“. Новиот вид ѝ припаѓа на фамилијата пајаци „Salticidae“, а својот плен го лови на дрвјата во јужен Бразил, Уругвај и околу Буенос Аирес, Аргентина. Откритието е на археологот Кимберли С. Марта и нејзините колеги од Бразил, а беше именуван по сега изумрениот народ Минуана, кои некогаш живееле во областа.

„Пајаците се најважните ловци во копнените живеалишта на Земјата, па затоа не треба да се занемари нивната важност за животната средина. Пајаците консумираат од 400 до 800 милиони тони инсекти годишно, што ги прави битни регулатори на популацијата на инсектите. Според тоа, тие се од големо значење и за луѓето“, велат од музејот.

Првиот научен опис на пајак датира од 1757 година. Но, иако биле потребни 265 години за да се достигне бројката од 50.000 видови, стапката на откривање постојано расте, па следните сто години би можеле да се откријат уште толку.

„Според нашите проценки, веројатно има и 50.000 видови пајаци што досега не сме ги откриле“, велат издавачите на Каталогот.

Каталогот за пајаци е достапен на интернет-страницата на музејот.

To top