Откако ја започна годината со одличната „Џон Вилијамс симфонија“, која беше претставена пред битолската и скопската публика, „Камерниот оркестар на Битола“ најави уште еден музички спектакл за своите сограѓани. Станува збор за концертот насловен „Бродвеј во Битола“, кој ќе се одржи на 22 април во Центарот за култура – Битола, а заедно со оркестарот ќе настапат солистите Наде Талевска, Елена Петреска, Марија Груевска, Ана Гаштарова и Игор Узунов.
Сè уште не е познато кои теми ќе се најдат на програмата за овој концерт, но сигурно е дека на битолчани им претстои уште едно врвно музичко доживување. Влезниците ќе бидат пуштени во претпродажба во билетарницата на Центарот за култура во Битола на 18 април (среда).