Живот и Стил

Амазон со нова опција: Курирските служби ќе можат сами да влегуваат во вашиот дом

Амазон со нова опција: Курирските служби ќе можат сами да влегуваат во вашиот дом

Дали би му дозволиле на Амазон да ја отклучи вашата влезна врата – ова е прашањето со кое ќе се соочат потрошувачите откако компанијата покрена услуга која им овозможува на доставувачите да ја отворат влезната врата на купувачите и да ги остават пакетите на безбедно место.

Системот наречен Amazon Key комбинира апликација, куќна сигурносна камера и паметна брава која ќе им овозможи на курирските служби да ја отклучат вашата врата преку апликација по скенирање на пакетот со кој се потврдува испораката.

Корисниците ќе добијат известување на својот паметен телефон кога ќе пристигне возачот на испораката и ќе можат да го гледаат доставувањето на испораката во живо преку камерата. Овој сервис ќе започне да се практикува во некои делови на САД во ноември по цена од 250 долари.

“Amazon Key ќе им овозможи на своите клиенти мирна совест бидејќи тие ќе знаат дека нивната нарачка е сигурно испорачана во нивните домови и дека истата ги чека кога ќе пристигнат дома”, изјавил Питер Ларсен, директор на технологијата за достава на компанијата Амазон.

Компанијата вели дека секојпат кога возачот испраќа барање за пристап во куќата на купувачот, Амазон ќе провери дали е на вистинската адреса, во точно време и со правилниот пакет со помош на енкриптиран систем.

Технолошкиот гигант потврдува дека системот ќе биде компатибилен и со други сервиси, како што се чистачи и шетачи на кучиња кои ќе имаат пристап до домовите на клиентите кога тие не се дома.

Извор: Точка.мк

To top