Добрите манири се одлика на културните луѓе. Децата го учат убавото однесување од родителите, па затоа е многу важно мајката и таткото посебно да внимаваат како ги подучуваат своите деца. Секој ќе се согласи дека нема ништо послатко од учтиво мало дете кое знае како да се однесува.
Бидете добар пример
Најдобриот начин да ги научите децата на добро однесување е да им бидете добар пример. Дури и да не сте свесни, децата постојано ги следат своите родители и нивните постапки.
Дајте им повеќе шанси
Негативното искуство треба да се искористи како прилика за учење. На пример, ако последното излегување со детето во ресторан било вистинска катастрофа, не се обесхрабрувајте. Разговарајте за тоа што не било во ред и обидете се повторно.
Фокусирајте се на она што е позитивно
Една од најдобрите работи кои можете да ги направите кога ги учите децата на разликата меѓу доброто и лошото однесување е да се сконцентрирате на тоа што е позитивно кај детето. Сосема е нормално ако вашето дете згреши и секако дека треба да му укажете на грешката, но спомнете му ги и сите оние учтиви работи кои ги прави за да го мотивирате.
Почнете рано
Како и за многу други работи во животот, најдобро е рано да се усвојат добрите манири. Веднаш штом вашето дете ќе почне да зборува, научете го на едноставните зборови „молам“ и „благодарам“. Тоа можеби нема да го знае значењето на тие зборови на почетокот, но ќе почне да ги разбира контекстите во кои тие се користат и ќе почне и самото да ги употребува.
Бидете доследни
Како и секоја друга вештина која детето треба да ја совлада, учењето на добрите манири бара доследност. Немојте да бидете попустливи дома, а строги во јавност. На овој начин само ќе го збуните вашето дете. Исто така, многу е важно и двата родители да бидат на иста бранова должина. Ако едниот родител забранува нешто, а другиот родител го допушта тоа, сето ова може да биде збунувачки за детето.
Играње со другите деца
Тоа што децата го учат во интеракцијата со своите врсници станува темел на градењето односи со луѓето кога ќе пораснат. На крајот од играњето, потсетете го вашето дете да ги поздрави родителите на неговото другарче во чиј дом си играле.
Запомнете зошто убавото однесување е важно
Иако сите знаеме дека е важно, често забораваме зошто е тоа така. Една позната учителка за бонтон рекла дека „убавото однесување значи да се има чувство за другите“.
Однесување за време на оброкот
Времето кое го поминувате со своите деца на маса е идеално за учење. Ако си играат со храната, јадат со отворена уста и не велат „молам“ и „благодарам“, наместо да го игнорирате нивното однесување, потсетете ги дека тоа не е убаво. Со тек на време ќе им влезе во навика правилно да се однесуваат за време на оброкот.
Пофалете ги
Важно е да ги пофалите децата за нивното учтиво однесување со цел да ги мотивирате да се однесуваат така и понатаму.
Бидете стрпливи
Никој не е совршен – ниту вие, ниту вашите деца. Сето ова е процес во кој учите заедно. Но, ако останете доследни, резултатите нема да изостанат, а децата еден ден ќе ви бидат благодарни за вниманието кое сте им го посветиле кога биле малечки.
извор:кафепауза.мк