Познатата фолк пејачка Елена Јовческа и нејзиниот колега Далибор Даки Ѓошиќ, го промовираа спотот за првата заедничка песна која носи наслов „Љубовта не родила“.
Спотот се снимаше на неколку локации во селото Прибилци, а го изработи ИН продукција. За периодот кој следува тие најавуваат и нови дуетски песни, но и заеднички настапи и патувања надвор од земјава.
Далибор не го криеше задоволството од соработката со ИН продукција и вели дека е презадоволен од крајниот резултат.
„Презадоволен сум и мислам дека направив добар потег во смисла на дуетот со мојата колешка. Мислам дека песната ќе вроди плод, навистина е прекрасна, љубовна, македонска песна со преубав спот. Очекуваме позитивни критики и доста настапи“ – искрено вели пејачот.
Далибор за следниот период најавува уште една дуетска песна со Јовческа, но во помодерен стил со што би се опфатиле сите генерации.
„Најпрво да помине овој дует, да го промовираме заедно со Елена за Македонците насекаде во светот да слушнат за што станува збор, а за понатаму ќе оставам да ја стокмам песната до крај, за да оставам квалитетен готов производ“ – заклучува Ѓошиќ.