Живот и Стил

Велигденска солена торта

Велигденска солена торта

Велигденска солена торта која по својот состав секогаш е иста, само изгледот и се менува во зависност од декорацијата. Сочна е и има многу префинет вкус.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

6 јајца поголеми

6 супени лажици брашно тип 400

75 мл или мала шолја за кафе – масло

1 прстофат сол, на врв од ножот

300 г спанаќ исчистен од петелки

ЗА ФИЛ:

300 г младо сирење

500 г кисела павлака

400 г квалитетна шунка

ЗА ДЕКОРАЦИЈА:

10-15 шери доматчиња, црвени и жолти (ако нема може црвени ротквици)

10 јајца од препелица или 3 кокошкини исечени

1 помала краставица

20-30 црни маслинки

10 аспарагус гранчиња

5 китки магдонос

По желба босилек зелен и црвен

200 г крем сирење или по ваш избор измешано со кисела павлака за да биде меко

ПОСТАПКА:

Исчистениот спанаќ избланширајте го неколку минути за да свене. Изладете го и процедете го. Можете да го исечкате ситно или кратко да го изблендирате. Добиената маса поделете ја на два дела.

Пригответе калап 24 см во кој ќе ги печете корите за торта и веднаш исечете 3 круга од хартија со иста величина како калапот. Ѕидовите на калапот малку намастете ги со путер и набрашнете ги.

За една кора: 2 белки матете ги додека да станат цврст снег, а потоа со постојано мешање додавајте жолчки, сол, 1/3 мала кафена шолја масло и исклучете го миксерот.

Постепено низ сито додавајте го брашното, нежно мешајќи со жица за матење и на крај ½ од обарениот спанаќ. Смесата излејте ја во приготвениот калап со обраш и ставете во веќе загреана рерна на 180 степени да се пече 8-10 минути.

Извадете ја печената кора од калапот, префрлете на решетка за ладење и извадете ја хартијата на која се печеше. Ова повторете го уште еднаш за да добиете иста ваква кора со спанаќ.

Третата кора се прави без спамаќ за да биде жолта.

Додека корите се ладат, направете го филот.

За фил: Со миксер изматете го сирењето и киселата павлака. Ситно исечкајте некоја многу квалитетна шунка и додадете ја во смесата. Пробајте дали е солено и ако е потребно досолете.

Немојте да се уплашите ако ви се чини редок филот, таков треба да биде зошто во следните 24 часа ќе се впие вишокот влага во корите и целата торта ќе биде сочна а цврста.

Сега повторно земете го калапот за торта и ѕидовите обложете му ги со проѕирна кујнска фолија, а на дното од калапот можете да ставите хартија за печење.

Редење: прво ставете една зелена кора и премачклајте со 1/3 од филот. Жолта кота, нежно притиснете за да се израмни филот, нанесете 1/3 од филот, и на крај иде вората зелена кора. Одозгора премачкајте со последната третина од филот. Прекријте со проѕирната фолија и оставете во фрижидер на ладење 24 часови.

Следниот ден извадете ја од обрач и премачкајте ја со 100 г меко крем сирење, а со другите 100 г направете мали гнезда околу кои ќе ставате декорација.

Напомена: бидете трпеливи и почекајте 24 часа. Солената торта ќе биде убаво изладена.

Сервирајте ја цела пред гостите и не се плашете дека ќе ви се распаѓа при сечењето – напротив! Се сече многу убаво.

To top