Живот и Стил

Кратка историја на Нотр Дам, најпознатата катедрала во светот

Кратка историја на Нотр Дам, најпознатата катедрала во светот

Малку градби се популарни како катедралата Нотр Дам – најпознатата париска црква и еден од главните споменици на раната готика, посветен на Дева Марија. Катедралата на островот Сите во реката Сена, секојдневно е посетувана од голем број туристи, но најинтересните тајни и легенди ги чува внатре.

Според легендата, изградбата на катедралата започнала во 12-тиот век, за време на бискупот Морис де Сили. Наводно, овој париски бискуп имал визија за најубавата катедрала, која ја нацртал и во калта на местото каде што се наоѓа Нотр Дам. Во средината на 13-тиот век се изградени кулите на катедрала, високи 69 метри, а катедралата е завршена во 14-тиот век како првото ремек-дело на готската уметност.

Познатото дело на Виктор Иго, „Ѕвонарот на Богородичната црква“ ѝ помогнало на катедралата да го добие епитетот најпозната во светот. Нотр Дам отсекогаш била центар во кој се раѓале легенди, а служела и како локација за снимање многу филмови. За време на Француската револуција, многу од богатствата на катедралата биле украдени, а дел од скулптурите уништени. Во 1871-ва година, катедралата речиси изгорела.

Еден од најинтересните елементи на градбата се познатите „гарголи“, чија функција била отстранување на дождовната вода од кровот. Низ историјата имало многу шпекулации за тоа кое е висинското значење на гароглите и зошто се направени токму на тој начин. Според една легенда, кога била запалена Јованка Орлеанка, гароглите летале низ Париз и сееле страв, со цел да се осветат за нејзината смрт. Наводно, тие били причината што улиците биле полни со лешеви.

Во текот на 19-тиот век катедралата подлегнала на целосна реставрација, најмногу поради делото „Ѕвонарот на Богородичната црква“, но и поради новиот интерес на парижаните за готската архитектура.

Во црквата им вкупно 10 ѕвона, од кои најголемото тежи околу 13 тони. Се наоѓа во јужната кула на катедралата, додека помалите се сместени во северната. Местото на коешто е изградена катедралата е место за обожување уште од времето на Рим, кога во име на врховниот римски бог бил изграден Јупитеровиот храм.

Катедралата е позната и по фасцинантната фасада на која се наоѓа розета, или розетен прозорец, елемент за декорација во облик на цвет.

Низ историјата, Нотр Дам се соочила со многу непогоди, од кои најлошите биле за време на Француската револуција. Во 19-тиот век започнала последното обновување и реставрирање на катедралата, и тоа благодарение на Виктор Иго кој, со веќе споменатото дело, сакал да ја подигне свеста за ова културно наследство.

 

Околу катедралата се случувале и настани кои во Франција го промениле текот на историјата, како на пример крунисувањето на Наполеон Бонапарта во 1804-та година, како и беатификацијата на Јованка Орлеанка во 1909-та. Нотр Дам е една од ретките катедрали на остров, а нејзината местоположба го дава и најромантичниот поглед кон Париз.

Ѓаволска врата

Според легендата, во 13-тиот век, младиот и амбициозен ковач на железо Бискорнет добил задача да дизајнира и изработи железни декорации за вратата. Задачата воопшто не била лесна и биле потребни месеци макотрпна работа за да ја заврши. Декорацијата била последниот детаљ на завршената катедрала.

Парижаните веднаш биле освоени од елегантна убавина на делото, а такви комплексни детали дотогаш биле невидени. Но, сè изгледало премногу совршено. Тогаш вербата била составен дел од животот и никој не можел да верува дека младиот занаетчија направил нешто такво. Па, почнале озборувањата.

Низ Париз се раширила приказна дека Бискорнет склучил договор до Ѓаволот, а неговата ненадејна смрт само ја зголемила вербата во гласините. Имено, сите биле сигурни дека Ѓаволот конечно дошол по своето.

Покрај тоа, кога вратата ѝ била претставена на јавноста, наводно самата се отворила кога свештеникот ја испрскал со света вода. Експертите и денес се чудат на способноста на Бискорнет да направи нешто такво, со алатите кои му биле достапни тој период.

Извор на младоста

Наводно, на фасадата се сокриени тајни пораки кои доколку ги дешифрирате, можат да ве однесат до Каменот на мудроста. Каменот на мудроста е алхемиска супстанца која според верувањата, има способност да го претвори обичниот метал во злато. Истовремено, може да служи и како еликсир на младоста кој лекува, подмладува, а понекогаш дава и бесмртност. Кружниот медалјон на главниот влез, наводно го чува тајниот рецепт за Каменот на мудроста.

Неколку интересни факти

  • Темелот на црквата Нотр Дам е положев во 1163-та година, за време на владеењето на Луј VII. Во овој период се зголемувал бројот на жители во Париз, а градот зајакнувал како политички и економски центар на француското кралство.
  • Градбата продолжила во поголемиот дел од следниот век, а големите реконструкции и додавања се одвивале во 17-ти и 18-ти век. Камените изработки на фасадата и витражите прикажуваат слики и пораки од Библијата.
  • Со градбата доминираат две големи ѕвона од 13-тиот век, а најголемо е ѕвоното наречено Емануел. Во 2013-та година, катедралата добила нови 9 ѕвона чија вкупна тежина е 23 тона. Само Емануел останало како оригинално ѕвоно од 17-тиот век. Новите ѕвона заменија 4 стари кои повеќе не беа тонски усогласени, а се поднесени да звучат слично како Емануел, кое се смета за едно од најубавите ѕвона во светот.
  • До врвот на камбанаријата има 38 скалила кои минуваат низ галерија со химери, грчки митски суштества составени од неколку животни, од кои најпознати се гарголите.
  • Највлијателната личност од францускиот романтизам, Виктор Иго, го сместил неговото ремек-дело „Ѕвонарот на Богородичната црква“ во Нотр Дам. Приказната се случува во Париз, 1485-та година и раскажува за Квазимодо, кој поради неговиот ужасен изглед, нашол засолниште во црквата. Според книгата се направени неколку играни и анимирани филмови, а веднаш по објавувањето во 1831-ва година, романот доживеал голем успех.
  • Во 2012-та година, Нотр Дам прослави 850 години, а нејзината богата историја беше обележана со концерти и изложби во црквата. Програмата за прославата на „роденденот“ на црквата траеше цела година.

извор:кафепуза.мк

To top