Ова се е чудни времиња, кога луѓето се’ потешко влегуваат во брак, а брачната заедница се’ помалку и покусо трае, па разводите се секојдневие. Бракот е тешко да се зачува и одржи, особено ако е во прашање естрадна личност на која приватноста и интимниот живот и е секогаш под лупата на јавноста.
Но, за него ова како да не важи, зашто тој цели три децении е подеднакво успешен како во шоубизнисот, така и во приватниот живот. Дарио Панковски очигледно знае и умее како да го негува својот брак, па затоа семејната хармонија му трае и тоа без некакви силни потреси и падови, освен онаа вообичаената секојдневна „борба на машко-женски спротивности“ која ја има во секоја брачна и не само брачна заедница или врска.
Македонскиот поп пејач деновиве славеше редок јубилеј – 30 години брак со својата поубава половина. Затоа Дарио реши неговата „жена за милион години“ да ја изненади со важен гест, со едноставен, скромен, но многу вреден подарок за неговата сакана сопруга Бојана.
Како вистински маж, шмекер и џентлмен, тој се упати кон нејзиното работно место за да ја изненади со букет „црвени рози за вас мадам“… Моментот на „научна фантастика во денешно време“ – како што самиот пејач го нарече тридеценискиот брак со жената на својот живот, осамна овековечен во неколку фотографии, а истите беа споделени на социјалните мрежи.
Радоста на среќната сопруга неизмерна, заедничкиот ручек со повод – неизбежен! Браво за нив! Нека им се множат годините на среќно заедничко живеење!