Иако ја немаат истата моќ и значење како некогаш, кралските семејства сè уште го привлекуваат вниманието на јавноста, дури и во земјите кои никогаш немале статус на кралства. Доказ за тоа е и дека во центарот на вниманието деновиве е свршувачката на принцот Хари со американската актека Меган Маркл, чија свадба е закажана за напролет. По тој повод, Би-би-си се наврати на дел од кралските свадби што се случија изминативе години, поточно кои песни ги одбрале младенците за својот прв танц.
Војводата и војвотката од Кембриџ – „Your Song“, Ели Гоулдинг
Ели Гоулдинг го сними овој класик на Елтон Џон за реизданието на нејзиниот деби албум во 2010 година, а освен што постигна огромен комерцијален успех, ја имаше честа во живо да ја отпее и на свадбата на принцот Вилијам и Кејт во април 2011. Освен оваа песна, Гоулдинг одржала и мини-концерт пред забавата да продолжи со диџеј-сет, а меѓу присутните бил и самиот Елтон Џон, кој бил близок пријател со принцезата Дијана.
„Доста разговарав со Вилијам и Кејт. Тие се навистина прекрасни луѓе, па сфаќам зошто луѓето се толку фасцинирани со нив“, открила пејачката за ова интересно искуство.
Војводата и војвотката од Вормланд – „Sofias brudvalls“, Пер Бредхамар
За разлика од Вилијам и Кејт, свадбата на шведскиот принц Карл Филип и принцезата Софија во 2015 година била вистинска забава за паметење. Имено, тие зачекорија кон олтарот со инструментална везија на „Athair ar Neamh“ од Енја, за време на церемонијата шведскиот пејач Ал Факир ја извел „Fix You“ од „Колдплеј“, а Давид Пагмар отпеал шведска верзија на хитот „Umbrella“ на Ријана, насловена „Paraply“. На самиот крај, двојката излегла од црквата со темата „Joyful, Joyful We Adore Thee“, која ненадејно преминала во „What Have You Done For Me Lately“ од Џенет Џексон, исто како што Лорин Хил пее во финалето на филмот „Распеани калуѓерки 2“ (Sister Act 2).
За првиот танц како брачна двојка младенците заиграле валцер на темата „Sofias brudvals“ од авторот Пеле Архио, во изведба на Пер Бредхамар, но оваа атмосфера не потрајала долго, па забавата ја презеле шведските ѕвезди „Ајкона поп“ и Авичи!
Зара Филипс и Мајк Тиндал – „I’ve Got You Under My Skin“, Френк Синатра
Зара Тиндал е дел од кралското семејство, но без титула. Таа е втората најстара внука на кралицата Елизабета и принцот Филип, како и успешна олимпијка (освоила сребрен медал на ЛОИ 2012), а во 2011 година се омажи за рагбистот Мајк Тиндал.
Како што пишува британски „Телеграф“, нивниот голем ден во Единбург бил „релаксиран и модерен настан“, без „никакви помпи и церемонии како на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон“, како и „без ниту едно присуство на политичар“, но очигледно и без музички ѕвезди. За својот прв танц двојката заиграла на евергринот „I’ve Got You Under My Skin“ од легендарниот Френк Синатра.
Принцот Филип од Југославија и Даница Маринковиќ – „Stand By Me“, Бен И. Кинг
Принцот Филип од Југославија во октомври годинава се ожени за графичката дизајнерка Даница Маринковиќ, а нивната свадба беше првата кралска свадба во Србија од 1992 година. За својот прв танц младенците го одбрале евергринот „Stand By Me“ од Бен И. Кинг, а потоа за забавата се погрижил диџеј од Лондон.
Принцот Хари и Меган Маркл – ?
Со оглед на тоа што за оваа кралска свадба ќе почекаме барем уште неколку месеци, познавачите на музичките вкусови на оваа двојка веќе шпекулираат за нивниот избор за песна за прв танц, но сето тоа ќе го дознаеме в година.
Извор:ВВС