Живот и Стил

Десетте најубави села во Македонија

Десетте најубави села во Македонија

Убавите села низ Македонија ќе го привлечат секој љубител на природата, а истите се доказ дека нашата држава ги има сите услови за успешен селски туризам.

Во продолжение ви го прикажуваме нашиот избор на едни од најубавите села во Македонија,  десет дестинации, еднакво вредни за посета колку и претходните на кои веќе сте биле, во или надвор од земјава.

Папрадиште

Папрадиште

Во областа Азот во западната страна на велешката околија, сместено на 1.000 метри надморска височина, каде што орлите се гнездат под врвот Солунска Глава, на падините на планината Јакупица се наоѓа мијачкиот „остров“ во централна Македонија – селото Папрадиште. Името го има добиено поради изобилството на папрат во селото и во околината. Папрадиште е прекрасно преку целата година. Тука човек за само неколку денови ја надополнува енергијата што ја троши во град и на работа.

Tрпејца

Панорамски поглед на селото Трпејца од Галичица

Селото Tрпејца е сместено во подножјето на планината Галичица, во една природна вдлабнатина меѓу карпите на источниот брег од Охридското Езеро, на надморска височина од 695 – 750 метри. Поради својата привлечност, изворедната поволна положба и природни убавини, од втората половина на ХХ век во Трпејца во се поголем развој и подем е туризмот, а особено летниот езерски туризам.

Село Трпејца

Белица

Село Белица

Белица се наоѓа во Поречката област, во подножјето на планинскиот масив Мокра Планина (Даутица, Јакупица и Караџица) на надморска височина од 600 до 680 метри . Во овој предел се наоѓаат изворите на најубавата река во Македонија, реката Белешница, која преставува најголема притока на реката Треска. Во околината на селото има неколку подземни пештери кои изобилуваат со внатрешна пештерска кореогафија, како што се пештерите: Момичак, Лапарница и Гулубарница.

Богомила

Римски мост на реката Бабуна на влезот на селото

Село Богомила се наоѓа во централниот дел на Република Македонија, во пазувите на Јакупица, Даутица и планината Бабуна. Сместено е во горното сливно подрачје на река Бабуна на надморска височина од околу 500 метри. Оваа ридско – планинска населба има извонредно пријатна микроклима и претставува вистинска оаза за одмор на сите оние кои сакаат да избегаат од градскиот метеж. Пријатноста на просторот е надополнет со околните шуми, пространи ливади и секако бистрите и брзи води на река Бабуна, која тече низ селото.

Вевчани

Вевчани

После селото Велешта, во падините на планината Јабланица е сместено едно најубавите македонски села. Освен што е препознатливо по традиционалниот карневал кој секоја година се одржува на Василица 13-ти и 14-ти јануари, Вевчани изобилува со неверојатна природна убавина, а вистинска атракција се Вевчанските извори.

Вевчански извори

Галичник

Панорамски поглед на селото Галичник

Сместено под пазувите на Бистра, ова место ве пленува и во зима, и во лето, поради чудесната хармонија меѓу Мавровско езеро и околните планини. Галичник е туристичка атракција поради неговата автентична архитектура, богатото културно наследство и восхитувачките пејзажи.

Галачник

Лазарополе

Панорамски поглед на селото Лазарополе

На 1.350 метри надморска височина, на работ од една висорамнина на Бистра, лежи второто по големина малореканско мијачко село и едно од највисоките селски населби во Македонија. Големата височина не му дозволува да има никакво земјоделско производство, но затоа има богата и долга историја од втората половина на 15 век.

Теово

Панорамски поглед на селото Теово

Теово е рамничарско село на надморска височина од 260 метри во источниот дел на областа Азот околината на градот Велес, сега административно припаѓа на Општина Чашка. Селото се наоѓа во средното сливно подрачје на реката Бабуна, на 30 километри оддалеченост од градот Велес.

Стара куќа во село Теово, изградена во 1892 година

Глобочица

Глобочица

Селото се наоѓа на западните падини на Караорман, на брегот на езерото Глобочица. Преку езерото, жителите на некогашна Глобочица веќе две децении создаваат нов живот во новоизградената населба создавана со бројни работни акции кои на мештаните им го јакнат чувството на заедништво, а на населбата ѝ даваат лик кој плени. Пред повеќе од 20 години тие го обновија и манастирот „Св. Антониј“ до кој води уредена шумска патека.

Глобочица

Зовиќ

Зовиќ

Селото Зовиќ се наоѓа во средишниот дел на областа Мариово. Припаѓа на Општина Новаци и со тоа влегува во рамки на пределот на битолско Мариово. Сместено е на една карпеста зарамнетост веднаш над самиот лев брег на Градешка Река. Се наоѓа на надморска височина од 725 метри помеѓу два ридски гребени на југ и север на чиј врв е изградена малата црквичка Свети Атанасиј, во подножјето на висорамнината Добро Поле. Иако куќите на селото лежат во благо зарамнетото подножје помеѓу двата ридови, според надморската височина Зовиќ е ридско село. Крај селото веднаш по познатиот Зовички мост, Градешка Река која извира и дотекува од планината Ниџе навлегува во карпеста клисура од каде кај местноста Еленик се спојува со реката Сатока која потоа се влева во Црна Река.

Зовиќ

Извор:Еко Република

To top