Тешко е да се поверува дека Ајрис Апфел е на чекор до својот 97 роденден. Каде и да се појави, препознатливата супербабичка привлекува внимание со ексцентричниот стил, волуменозните кружни очила, смелата смисла за мода, изостреното чувство за комбинирање на различните принтови и желбата за забава.
Неуморната старица, која милува да се нарекува себеси „геријатриска старлета“ и е пример дека третата доба од животот не мора да биде здодевна, е родена на 29 август 1921 година во Асторија, Њујорк, под името Ајрис Берел. Таа е единствено дете на стакларот Семјуел Берел и сопственичката на бутик за облека Сејди Берел.
Во својата младост Ајрис работи за списанието за убавина, мода и модни трендови „Women’s Wear Daily“, понекогаш нарекувано и „библијата на модата“, од каде преминува да работи за дизајнерката за ентериер Елионор Џонсон. Токму таму открива дека поседува дарба за наоѓање ретки и уникатни нешта, дарба која во подоцнежните години ќе се преточи во нејзините неповторливи ентериери и огромната колекција на редок накит и модни додатоци.
Својот колоритен и разигран стил започнува да го „гради“ по склучувањето на бракот со Карл Апфел во 1948 година. Заедно тие ја основаат текстилната компанија „Old Worlds Wavers“. Патувајќи низ светот, Ајрис започнува да купува модни додатоци и облека кои се далеку поразлични од оние карактеристични за Западот и ги носи на свечените прослави.
Колоритна облека од продавници за втора употреба, алишта со традиционални мотиви од различни земји низ светот, белегзии карактеристични за племиња, па дури и ѓердани направени за коњи и слонови – сето ова склопено со стил во препознатливите стајлинзи на старицата која трајно се смести меѓу модните икони.
За неа, критичарката на New York Times Роберта Смит ќе рече: „Уште пред да постои зборот мултикултурализам, госпоѓа Ајрис го носеше“.
Во стилот на Ајрис повеќе е подобро и поради тоа таа секогаш е интересна и никогаш не делува здодевно и излитено. Ексцентричната дама која нема намера да се пензионира, бидејќи смета дека „пензионирањето е судбина полоша од самата смрт“, вели дека најголемата грешка на луѓето е што се гледаат себеси во огледало и бараат некој друг што не е таму.
„Кога не се облекувате како сите, не мора да мислите како сите“ – вели жената која заедно со својот сакан има учествувано во реставрацијата на Белата куќа за девет претседатели на САД.
Ајрис излегува од сенка и стекнува светска слава во 2005 година кога музејот на уметностите „Метрополитен“ посветува една од своите изложби на нејзина колекција. Насловена „Ретка птица“, изложбата ја сместува во модните икони на денешницата. Луѓето започнуваат да се запрашуваат која е сопственичката на ова луда, но магична колекција, а медиумите започнуваат да го пишуваат нејзиното име.
Иако е неочекуван, нејзиниот успех е огромен. „Ништо од она што сум направила, не сум го очекувала. Едноставно се случи“ – вели скромната госпоѓа.
„Сметам дека модата и стилот немаат никаква врска со годините… Секоја возраст на некој начин има своја убавина. Кога си млада, можеш повеќе да го покажуваш твоето тело. Но, како што старееш, не можеш да се бориш со гравитацијата. Можеш да направиш лифтинг на лицето ако сакаш, но ако имаш 80 години, никој нема да помисли дека имаш 32. Тоа е смешно“.
Во чест на Ајрис, Алберт Мејзел го снима документарниот филм „Iris“, кој премиерно се прикажува на Филмскиот фестивал во Њујорк во октомври 2014 година. Нејзиниот сопруг умира една година подоцна на 100-годишна возраст.
ТРЕЈЛЕР ЗА ДОКУМЕНТАРНИОТ ФИЛМ „IRIS“
Во март годинава, Ајрис добива и своја верзија од познатата кукла Барби, а креативната директорка на Џими Чу, Сандра Чои, создава сандали инспирирани од максималистичкиот стил и етничкиот накит на Ајрис.
„Јас велам, облекувај се за да се задоволиш себеси. Слушај ја музата во тебе и користи ги шансите. Носи нешто што вели ‘Тука сум денес’“ – советува инспиративната дама.