Постојат разни стратегии како да се борите со малите пребирливи деца, кои на родителите понекогаш им задаваат големи маки. Со растењето, повеќето од тие „проблематични“ деца ја усвојуваат разновидната исхрана, но за периодот на битките на семејната маса, стручњаците од клиниката „Мајо“ осмислиле 10 совети за подобра исхрана на малите пребирливи деца.
- Почитувајте го апетитот на детето – или немањето апетит
Ако детето не е гладно, не присилувајте го на оброк или на меѓуоброк. Исто така, не поткупувајте го и не поттикнувајте го да ја излиже чинијата. Таквото однесување може само да ја поттикне желбата за борба околу храната, а детето така го поврзува времето за оброк со анксиозност и фрустрација. Послужете мали порции, за да не го обесхрабрите детето со големо количество храна и овозможете му самото да побара уште храна.
- Придржувајте се кон рутина
Оброците и меѓуоброците послужувајте ги приближно во исто време секој ден. Со оброците послужете мало количество овошен сок или млеко, а меѓу оброците понудете му обична вода.
- Бидете стрпливи со новите продукти
Малите деца обично ги допираат или ги мирисаат новите продукти или земаат мали залаци и притоа ги исплукуваат. Повеќето деца бараат повторено изложување на новиот продукт, а оние „проблематичните“ обично ги прифаќаат по 10-16 изнесување пред нив. Охрабрете го детето да ја проба новата храна така што ќе зборувате за бојата, обликот, текстурата и за аромата на храната, а не само со сугестивно повторување дека има одличен вкус. Секогаш важи правилото дека новиот продукт треба да се послужи заедно со омиленото јадење на детето.
- Нека биде забавно
Послужете брокула или друг зеленчук со омилениот сос или прелив. Храната сечете ја во мали, необични форми. Храната што детето сака да ја јаде за појадок, послужете му ја за вечера. Настојувајте да послужувате разновидна и шарена храна.
- Вклучете го детето да ви помага во кујната
При купување продукти, побарајте од детето да ви помогне да одберете овошје, зеленчук и други пожелни артикли. Не купувајте ништо што не сакате вашето дете да јаде. Дома, поттикнете го детето да ви помогне да го измиете овошјето, да меша смеси и да ја постави масата.
- Бидете добар пример
Сите истражувања се согласуваат во тоа дека децата од родители кои имаат добри прехранбени навики и самите ќе развијат здрав начин на исхрана.
- Бидете креативни
Додадете ситно сечкан или рендан зеленчук во сосот од месо за шпагети, додадете ситно сечкано овошје во жита, или рендани тиквички и морков во варенo јадење, мусакa и во супa.
- Намалете ја можноста за одвлекување на вниманието од јадењето
Изгасете ги телевизорот и другите електрични уреди во текот на оброкот. Тоа ќе му помогне на вашето дете да се сосредоточи на јадењето. Имајте на ум дека ТВ-рекламите што рекламираат слатки во текот на детската програма ја поттикнуваат желбата на детето за слатка храна.
- Не нудете десерт како награда
Нагласувањето на десертот создава порака дека тоа е најдобриот дел од оброкот, што само може додатно да ја поттикне желбата на детето за слатка храна. Два дена во неделата може да се изберат како денови кога се послужува колач или друг десерт, а во другите денови не треба да се послужува десерт или се послужуваат овошје, овошен јогурт, сушено овошје и костенливи плодови.
- Не гответе по нарачка само за детето
Приготвување засебен оброк само за детето откако го одбило семејниот оброк може додатно да го поттикне на избирливо однесување. Мотивирајте го детето да остане крај масата во текот на оброкот, без оглед дали јаде или не. Истрајте во послужување здрави избори за детето сè додека таа храна не му стане блиска и омилена.