Македонската музичка ѕвезда Владо Јаневски вчера (05.јули) го промовираше спотот за неговата актуелна песна насловена „Главен град на тагата“, авторско дело на Владо, а аранжман на Роберт Билбилов и продукција на Дарко Димитров.
За таа прилика новинарите имаа можност да се сретнат со Јаневски и да поразговараат за неговите сегашни и идни планови, но и да го навратат неколку години наназад.
Имено, тој даде интервју за МИА во кое откри дека од балканска кариера се откажал истиот ден кога се случи трагичната несреќа во која загина Тоше Проески.
Јас се откажав од мојата кариера на Балканот истиот ден кога загина Тоше Проески. Ние одевме заедно во пакет. Ако се сеќавате „Аворд“ имаше само двајца ексклузивци во 1997 година, јас и Тоше. Кога настапувавме во „Сити рекордс“ во Србија и во Хит рекордс во Хрватска ние одевме заедно. Секој што го издаваше албумот на Тоше, го издаваше и мојот албум. Оној ден кога Тоше загина, тие таму рекоа дека штом нивниот фаворит повеќе го нема, тогаш не планираат веќе да го промовираат ниту Владо Јаневски. Едноставно престана нивната обврска да се ангажираат со мојата кариера, вели Владо за МИА.
Инаку, Владо на 2 август ќе одржи концерт во Античкиот театар во Охрид, на 17 август во Струмица со бендот во рамки на Струмичко лето, на 24 август на Широк сокак во Битола, а на есен во ВИП Арената „Борис Трајковски“ во Скопје.