Белото месо можете да го подготвите на милион начини, а ова е еден од најдобрите рецепти. Лесен е, а вкусот е фантастичен.
Кога имате бело месо и компири за ручек, нема човек што ќе одбие. Белото месо е класифицирано како суво, па затоа е важно како го подготвувате, а најдобар начин за тоа е да го испржите или да го динстате во сос.
Денеска ви носиме рецепт за зачинето пилешко во ароматичен сос од булјон и балсамико. Подготовката е едноставна, а месото е неверојатно сочно.
Потребни состојки:
- 1 пилешко филе
- 2 лажици брашно
- 2 јајца
- 30 гр пармезан
- ½ китка магдонос
- 1 лута пиперка
- маслиново масло
- 30 гр путер
За сосот:
- 250 мл булјон
- 1 лажичка балсамико оцет
- 1 чешне лук
- 1 гранче мајчина душица
- сок од лимон
- ½ магдонос
- 30 гр путер
Подготовка:
Скршете ги јајцата во сад, посолете и побиберете, додајте сечкан магдонос, пармезан и ситно сечканата лута пиперка. Сè добро измешајте. Белото месо исечкајте го по должина и отворете го (да се добие форма на пеперутка), потоа покријте го со проѕирна фолија и мавајте го со чекан за месо. Валкајте го во брашно, па во зачинетата смеса со лута пиперка.
Во тавата истурете маслиново масло и растопете го путерот, па пропржете го месото. Извадете го белото месо и истурете го булјонот во истата тава. Кога ќе почне да врие, додадете балсамико оцет, мелено лукче, сечкана мајчина душица, сок од лимон, сечкан магдонос и путер. Мешајте додека не се растопи путерот, па вратете го белото месо. Прелијте со сосот и динстајте уште 2 минути.