Опаѓањето на косата кај некого зависи од генетскиот фактор, кај некого може да биде последица од лоша грижа, а кај некого последица на болест, а сè почесто сме сведоци дека е поврзано и со хормоналниот дисбаланс.
Сите оние кои страдале од хормонални нарушувања, знаат дека губењето на косата е еден од најчестите симптоми или последици на нарушувањето.
Ова се четирите хормони кои се најмногу поврзани со опаѓањето на косата:
Тестостерон
Тестостеронот често е поврзан со ќелавоста кај мажите. Ова поточно важи за типот дихидротестостерон, кој предизвикува заслабнување на фоликулите и опаѓање на влакната. Покачувањето на тестостеронот кај жените исто резултира со опаѓање на косата со различни интензитети.
Тироидни хормони
Тироидните хормони се одговорни за метаболизмот, но и се тесно поврзани со квалитетот на влакната на косата, особено кај жените. Најчести симптоми на хипотироидизам се сувата кожа, кршливите нокти и губењето на косата.
Инсулин
Покаченото ниво на инсулин, а без дијагностициран дијабетес, е симптом на синдромот на полицистични јајници, кој е една од најчестите хормонални абнормалности кај жените. Покачениот инсулин, односно хиперинсулинемијата, предизвикува губење на коса, создавање акни и зголемена телесна тежина. Кај мажите хиперинсулинемијата исто така предизвикува опаѓање на косата.
Естроген
Нарушувања во балансот на естрогенот е исто така причина за опаѓање на косата. Многу жени се соочуваат со ваков проблем во текот на бременоста, кој се враќа во нормала неколку месеци по породувањето. Слично се случува и со жените во почетокот на менопаузата.
Извор: Курир.мк