Можеби некои и не ги сакаат, но факт e дека ротквиците многу придонесуваат за нашиот организам.
Генерално, тие служат како додаток во јадењата и ретко кому му паѓа напамет да ги јадe посебно, но тоа не е лоша идеја.
Познати се по својот пријатен вкус и крцкава текстура, преполни се со антиоксиданти, влакна и есенцијални витамини и минерали. Полни се со витамин Ц, фолна киселина, калиум, а имаат и многу малку калории. Ротквиците се одличен сојузник во детоксикацијата како и во губењето на вишокот килограми.
Антиоксиданти
Антиоксидантите можат да ги неутрализираат штетните молекули, односно слободните радикали. Ротквиците содржат антиоксиданти како глукозинолати или соединенија кои содржат сулфур. Ротквиците исто така содржат витамин Ц, фолати и антоцијанини, познати како растителни соединенија кои на овој зеленчук му ја даваат црвената нијанса.
Го стабилизираат шеќерот во крвта
Вашето тело го стабилизира шеќерот во крвта така што произведува инсулин, хормон кој ја пренесува глукозата од крвта во клетките. Како што е утврдено, антоцијанините во ротквиците можат да бидат од помош во овој процес. Ротквиците исто така содржат катехини, соединенија кои го поттикнуваат лачењето на инсулин. Покрај тоа, ротквиците му обезбедуваат влакна на организмот, кои можат да помогнат во забавување на варењето на шеќерот од другите храни.
Есенцијални хранливи материи
Една шолја ротквици содржи 17 милиграми витамин Ц, а тоа е околу 20 отсто од дневниот препорачан внес. Витаминот Ц ја поддржува имунолошката функција така што ја зголемува активноста на фагоцитите, односно клетки кои ги „јадат“ штетните бактерии.
Влакна
Ротквиците нудат комбинација од растворливи и нерастворливи влакна. Растворливите влакна кои се раствораат во вода, можат да ја ублажат дијарејата со намалување на вишокот течности. Од друга страна, нерастворливите влакна не се раствораат во вода, што е корисно за ублажување на констипацијата, пишува „Healthline“.
Обезбедуваат минерали
Ротквиците му обезбедуваат на телото клучни минерали како што се калциум, железо и калиум.
извор:точка.ком.мк