Ема Џенер, британска дадилка и авторка на книгата „Биди смирен родител“ вели: „Не сум личност која претерува и драматизира. Затоа, кога велам дека модерното воспитување е во сериозни проблеми, дури и во криза, внимателно слушајте.“
Ема работела со деца и родители во текот на две децении и тоа на два различни континенти и сериозно е загрижена поради начинот на кој денес се воспитуваат децата. Еве 5 проблеми кои таа смета дека се најсериозни.
Се плашиме од децата
Ема вели дека за да видиме дека децата имаат премногу контрола над родителите треба само да направиме еден едноставен тест. „Доколку мајката му стави млеко во сина чашка, а детето каже дека сака да пие од чашка со друга боја, внимателно гледам како родителот реагира. Во мнозинството случаеви родителот веднаш трча за да го стави млекото во друга чашка, пред детето да збесне.
Огромна грешка! Од што се плашите мајки? Кој е овде главен? Нека беснее, а вие тргнете се за да не го слушате тоа. Само, ве молам, не се кршете за да им угодите, затоа што така ќе ги научат погрешните лекции.
Намалени очекувања
Кога децата лошо се однесуваат, без оглед на тоа дали е на јавно место или дома, родителите ги креваат рамената и велат: „Такви се децата.“ Ема вели: „Верувајте ми дека не мораат да бидат такви. Децата се многу поспособни отколку што родителите мислат, без оглед на тоа дали се работи за манири, бон-тон или самоконтрола.
Мислите дека не е во состојба мирно да седи во ресторан? Глупости! Мислите дека не може да ги собере играчките зад себе? Глупости! Единствената причина поради којашто не се однесуваат како што треба е тоа што не сте ги научиле на тоа и тоа што не го ни очекувате тоа од нив. Едноставно е, подигнете ги своите стандарди и детето ќе се прилагоди на нив!“
Децата повеќе не ги одгледува целото општество
Порано, возачите во автобус, наставниците, продавачите и останатите родители имале „право“ да го опоменат детето кое лошо се однесува. Тие биле и очите и ушите на родителите кои не биле присутни во моментот и сите го правеле тоа со иста цел: воспитување на пристојни момчиња и девојчиња. Тие им биле поддршка на родителите.
Денес, кога некој ќе се осуди да го опомене детето, мајката и таткото полудуваат. Тие сакаат да мислат дека нивното дете е совршено, такашто често не го прифаќаат мислењето на другите луѓе кои мислат дека не е. Ќе го нападнат професорот ако каже дека детето било безобразно, а тоа воопшто не помага.
Премногу се потпираме на помагала
Супер е тоа што родителите имаат разни електронски направи за да им помогнат во текот на патувањето и кај докторот. Денес родителите се многу позафатени од порано и секогаш сум за тоа да се олеснува колку што е можно повеќе. Но, овие помалага се користат премногу често, па децата забораваат сами да се забавуваат. Бебето треба само да научи да се смирува, а не постојано да биде смирувано од столица која вибрира. Помагалата можат да бидат од помош, но некогаш децата треба да учат и на побавниот начин.
Родителите ги ставаат потребите на децата на прво место
Одлично е тоа што децата се приоритет. Но, денес, тоа веќе е отидено предалеку, затоа што родителите ги занемаруваат своите потреби и своето ментално здравје поради децата. Постојано гледам мајки кои постојано стануваат од кревет само за да му удоволат на детето. Или татковци кои ќе остават се само за да и дадат вода на ќерката.
Одвреме-навреме е убаво да им кажувате „не“ или да им кажете да се забавуваат сами додека вие отидете во тоалет или направите ручек.
Се плашам дека ако не почнеме да ги поправаме грешките, нашите деца ќе станат себични, нетрпеливи и безобразни возрасни луѓе. Тоа нема да биде нивна вина, туку наша. Никогаш не сме ги научиле поинаку, ниту сме очекувале повеќе од нив.
Очекувајте повеќе, давајте помалку. Ајде да ги доведеме во ред и навреме да ги подготвиме да бидат независни и успешни во реалниот свет, а не да живеат во стаклено ѕвоно.