Александар Јосифовски последниве две години е еден од милениците во „Ѕвездите на Гранд“. Музичарот од Охрид со своето пеење ја освои публиката и заврши втор во шоуто. Неговиот ментор Ѓорѓе Давид во полуфиналето понесен од емоции се расплака и јавно кажа дека Александар со години бил алкохоличар кој се бори со зависноста.
„Ѓорѓе полудуваше со мене, имаше навистина голема мака. Ме прими како свое дете, па работевме многу заедно. И мило ми е што спомна јавно тоа за проблемите алкохолот. Тој многу ми помогна во мојата борба“, искрен е пејачот и вели дека не му се лути што ја раскажа неговата приказна.
Тие и приватно се многу блиски. Ѓорѓе наскоро ќе оди во Охрид и веќе побарал баба му на Александар да му направи ѓомлезе, познатиот охридски рецепт. Јосифовски ни откри дека не пие веќе пет месеци и е среќен што на време сфатил дека има проблем со алкохолот.
„На почетокот ми беше тешко. Моите беа изненадени, не веруваа дека сум решен да престанам да пијам, ама имаа голема надеж дека ќе истраам. За секоја ваква одлука треба храброст. Мора да постои поддршка и од страна, ама ако твоите не ти помогнат, нема кој. Лекови не пијам и не ми требаше голема професионална помош. Ја водам својата борба, а и заради сè што ми се случува, ете и натпреварувањето со ‘Гранд’ што ме држеше фокусиран, тоа многу ми помогна”, раскажува тој со многу емоции.
Ни откри дека е разочаран што не победи во „Гранд“, но тоа што доби 87.000 гласови, му покажало колкава поддршка има од публиката. „Со самото тоа што седнав на последните две столчиња за мене беше еднакво на победа. Ми затрепери срцето, не ми се веруваше дека толку многу луѓе гласале за мене“, искрен е Александар за „Репортер“.
Со иста страст зборува и за музиката и за риболовот. Малкумина знаат дека обожава да лови риби и тоа го наследил од татко му, кој живее во Австралија. Кога е таму, секогаш заедно одат по риба. „Сме биле и во лов на ајкули, а најголемата риба што сум ја уловил имала околу 12 килограми“, ни кажа тој.
Тука се и муабетите за сопругата, но и за детството во Охрид.
Разговаравме и со мајка му Елизабета, која ни откри дека бил дебел ко мал и многу сакал да јаде грав. Обожавал да игра и фудбал и не сакал да се прибере дома додека не даде 20 гола.
Каква музика слушале дома , оти мајка му пее фолк, а тој сака рок, какви се Цеца и Карлеуша приватно и како го пречекаа во Босна веднаш по финалето на Гранд, гледајте го интервјуто.