Од пристигнувањето на новата 2019 година не делат само часови. Новата година и божиќните празници се уште поубави и магични кога во поштенското сандаче ќе најдете убава и шарена новогодишна честитка. Како некогаш, кога центарот на градот беше преполн со улични продавачи кои нудат честитки со најразлични новогодшни мотиви.
Но, ако порано праќањето честитки за Нова година или за друга прилика беше традиција, во последниве години сите испраќаат многу повеќе честитки преку електронска пошта и социјалните мрежи.
Индивидуално, меѓу граѓаните, честитањето на новогодишните и божиќните празници со честитка полека изумира. Единствено уште понекој од бабите и дедовците сé уште практикуваат да ги изненадат внуците со по некоја музичка картичка преку пошта или со пакетчето, лично на рака. Преостанатите користат телефон и интернет.
И продавачите и поштенските работници го тврдат истото. Од годна в годна се помалку се продаваат и испраќаат новогодишните честитки, а најмногу ги купуваат или најмладте или најстарите генерации.
Некогашните хартиени честитки во плико сега се заменети со електронски напишани, фото или видео пораки, новите технологии ги сменија и навиките за честитање на празниците. Но, како и да е, граѓаните на еден или друг начин, преку електронска или обична пошта сепак, се’ уште практикуваат да им посакаат долг живот, здравје, успех и среќа во Новата годна на своите роднини, другари, пријатели, колеги, соработници… На сите добронамерни луѓе.