Целта на годишните одмори и празничните паузи и токму таа: да одморите и да паузирате, со надеж дека нема да се будите во паника да проверувате мејл на телефон и да се прашувате која година е и дали доцните за на работа.
Иако „исклучувањето“ е супер и треба да го направите тоа за да се вратите свежи и одморени на работа, треба сепак да имате на ум дека после продолжениот празничен викенд или годишниот одмор треба да се вратите на работа и повторно да дадете 100%.
Тоа значи да внимавате да не ги направите овие најчести грешки што ги прават луѓето кога ќе се вратат од одмор:
Се враќате без план
Ако се вратите на работното место по одредена пауза, може да ве фати паника кога ќе почне лавината од обврски. Тоа не значи дека треба да се опседнувате што се случува на работа додека ве нема, но не чекајте да седнете во биро за да се „вклучите“ повторно во системот. Можеби не ви се чини како голема работа, но доволно е да си подготвите што ќе носите на работа следниот ден, да ги прочитате последните извештаи и да го проверите работниот план барем ден претходно и да си дадете самите две задачи што ќе ги направите првиот ден назад на работа.
Ве фаќа постпразнична депресија
Враќањето „во реалноста“ може да биде потешко од од обично враќање на работа во понеделник. Краткиот одмор околу новогодишните и божикните празници обично најтешко им паѓа на луѓето бидејќи не се одмораат, туку тие денови ги поминуваат во забави, седенки и семејни средби. Затоа кога ќе се вратите на работа се чувствувате уште поуморни и се прекорувате зошто не го потрошивте времето попаметно. Па кога ќе ви текне дека до летниот одмор има неколку месеци… Сепак, вие сте возрасна личност и знаете дека не може да го вратите времето назад, туку да се стегнете и да се вратите во колосек.
Погрешни претпоставки
Има два типа на погрешни претпоставки во оваа ситуација. Првата е дека се убедувате дека глатко ќе се вратите назад „во шема“, но да не се лажеме, светот не стоеше во место додека вие бевте на одмор (дури и ако целата компанија била на празничен одмор); a втората е да претпоставите дека сите ќе се вратат од одмор свежи и навистина одморени. Можеби вие се освеживте со одмор на плажа или на планина, но тоа не значи дека и колегите поминале исто како вас. Не претерувајте со фалби колку добро сте си поминале на одмор и не му се качувајте на глава на колегата кој не сака да зборува за тоа.
извор: kajгана