Ако вчера се забавувате од зајдисонце до изгрејсонце, денес сигурно страдате од мамурлак. Имате пулсирачка главоболка, вртоглавица, осетливи сте на светло и звук и жалите што не сте прекинале со пиење пред да биде предоцна. Така вчерашната забава ви се претвора во утринско мачење.
Алкохолот е дрога и кога ќе се консумира во поголеми количини го полни нашето тело со токсини. Затоа, телото реагира така како што би реагирало и при предозирање со дрога – сака да се ослободи од штетните супстанции.
Најдобар лек да ги избегнете непријатностите на мамурлакот е да не пиете алкохол или „да си ја знаете границата“.
СОВЕТИ
Секој греши. Ако вчера сте испиле неколку чаши повеќе, еве неколку совети како да си го олесните утринското мачење:
- Јадете банани. Бананите се супер храна ако имате мамурлак. Кога сте пијани уринирате повеќе од нормално и со тоа губите калиум. Бананите се богати со калиум, па затоа излупете една банана и вратете си ја енергијата.
- Мед и лимони. Зовријте една чаша вода и измешајте во неа мед и сок од лимон по ваш вкус. Пијте од течноста неколку пати во денот. Лесно е за пиење, а го снабдува организмот со течности и шеќери. Користете мед, а не бел шеќер, затоа што медот содржи фруктоза која е полесна за апсорбирање.
- Лесна храна. Последното нешто што сакате да го правите додека се опоравувате од мамурлак е да јадете. Но, храната ви е потребна за да си ја вратите енергијата. Во почетокот придржувајте се кон бистри течности додека не сте сигурни дека можете да поднесете нешто кашесто. Јадете тост, ориз или бистра супа.
- Спортски пијалоци. Спортските пијалоци се одличен начин да го снабдите телото како со течности, така и со изгубените електролити и глукоза.
- Мраз. Ставете облога со мраз на главата. Искршете мраз и ставете го во најлонска торбичка. Завиткајте го во сува крпа и поставете го на главата каде што ве боли. Исто така можете да наводните една крпа, да ја ставите на челото и да се релаксирате.
- Џус. Пресно исцедениот сок од портокал ќе ви помогне да го покачите нивото на шеќер во крвта и да си ги олесните симптомите на мамурлак. Но, ако имате проблеми со стомакот, наместо сок од портокал пијте свеж сок од јаболка.
- Пијте вода. Водата е добар лек на мамурлакот, бидејќи телото после пијанство е дехидрирано. Пијте повеќе од 8 чаши вода дневно додека закрепнете.