Живот и Стил

Како да се преживее поместувањето на часовникот? Еве ги советите од психолозите

Како да се преживее поместувањето на часовникот? Еве ги советите од психолозите

Како да се преживее поместувањето на часовникот?

Од денес, почнува зимското сметање на времето, што значи дека ќе мораме да го поместиме часовникот наназат. На овој ритуал некои гледаат како на еден час плус уживање во својот сон, додека голем процент сметаат дека е само проблем со кој треба да се справуваат во наредните денови и недели.

Поместувањето на часовникот во светот е воведено во минатиот век со образложение дека со тоа се продолжува денот, се овозможува заштеда во потрошувачката на електрична енергија, се зголемува продуктивноста, се подобрува прилагодувањето на луѓето и работниот ден станува поефикасен.

Еден час делува како краток интервал, но може да направи разлика меѓу исцрпеност и одмор.

Точно е дека зимското сметање на времето прави да се разбудиме за на работа кога е ден. Но, наспроти тоа, неколку истражувања покажуваат дека многу луѓе добиваат сериозни здравствени проблеми, како вознемиреност, висок крвен притисок или депресија, заради поместувањето на часовникот.

Истражувачите предупредуваат дека вработените луѓе, кои инаку страдаат од недостаток на сон се во особена опасност, заради дополнителното нарушување на биоритамот.

Последици по здравјето

Пред се, луѓето во овој период се чувствуваат исцрпено. Исто така, на многумина денот по поместувањето на часовникот им започнува стресно, бидејќи забораваат да го подесат алармот.

Ако чувствувате последици заради промената на времето, можеби би било најдобро неколку денови по поместувањето да бидете што подолго време надвор. Сончевата светлина ќе Ви помогне да го прилагодите биолошкиот часовник. Исто така, потребно е да ја избегнувате попладневната дремка, колку и да Ви звучи примамливо.

Како да се подготвите?

Не ги оставајте работите за последен момент. Еден од најважните совети е стрелките на часовникот да ги поместите на сите часовници во вашиот дом ПРЕД легнување. На тој начин денот ќе ви започне без да размислувате колку вчера било часот.

Еве неколку други совети:

– Станете подоцна на самиот ден кога се поместува на часовникот
– Прошетајте се рано наутро
– Ако немате некоја болест која би ве спречила, во следната недела почесто бидете на отворено
– Воздржете се од попладневни дремки
– Избегнувајте пречесто и со сите околу вас да разговарате на темата за промена на стрелките на часовникот. На тој начин само си ја продолжувате негативната мисла и си ја подавате едни на други.

Оваа ноќ Вашите деца нахранете ги половина час порано од вообичаеното, за подобро да се прилагоди нивниот организам. Убедете ги да одат на спиење порано.

Други решенија и иницијативи:

Група од околу 70 Европратеници годинава поднесоа иницијатива и  побараа укинување на поместувањето на часовникот два пати годишно, бидејќи, според нив, има негативно влијание на човечкиот биоритам, продуктивноста на работното место, доведува до поголем број сообраќајни несреќи, создава психолошки проблеми поради кои се зголемуваат проблемите во семејството, како и фактот дека не се заштедувало електрична енергија.

Зимско и летно сметање на времето не е воведено во сите држави. Русија во 2011 година целосно го укина поместувањето на стрелките на часовникот, а Исланд е единствената европска земја која ја нема воведено таквата пракса.

извор:готви.мк

To top