Работата на родител никогаш не завршува, секогаш постои уште нешто на што можеме да ги научиме своите деца. Но покрај сето она на кое наменски и свесно го учиме, постојат работи кои децата ги учат од нас и доследно ги применуваат, а за кои воопшто и не сме свесни.
Некои најважни лекции за животот нашите деца ги учат од нас во моментите кога не знаеме дека не набљудуваат.
Децата учат како да се носат со стресот, тешкотиите и фрустрациите. Кога сте вознемирени ако реагирате со викање, плачење или нервоза, децата тоа го гледаат, иако таквите реакции не се насочени кон нив.
Родителите, кои се нервозни може да одгледаат мошне нервозни деца, иако тоа не го сакаат. Исто така ако родителите ги потиснуваат емоциите, децата од нив ќе учат како да ги потиснат своите емоции. Секогаш имајте на ум дека тие мали очиња ве набљудуваат. Секако сите ние сме само луѓе и не можеме секогаш да го контролираме чувството на фрустрација, но важно е на детето да му објасниме зошто сме реагирале на одреден начин, како и дека постојат алтернативи на таквата реакција и однесување.
Децата учат гледајќи како нивните родители комуницираат или како се однесуваат во нивниот меѓусебен однос. Како вие комуницирате со партнерот? Кој донесува одлуки? Дали несогласувањата резултираат со викање или со солзи? Дали секојдневно покажувате почитување еден кон друг?
Дали децата ги гледаат моментите кога сте нежни еден кон друг? Важно е да одговорите на овие прашања со цел децата подобро да ги научите за односите во врските или во бракот. Тоа не значи дека децата треба да изградат идеална слика. Секако нормално е да видат дека во односот меѓу две лица има несогласувања. Важно е да се знае дека децата ќе го споредуваат односот на своите родители со нивните идни врски. Поради тоа е добро да се даде добар, но реален пример.
Доколку изнајмите дадилка за да го почува детето за да можете со брачниот партнер да излезете и да ја прославите годишнината, ќе го научите дете колку е битно во бракот партнерите да имаат време еден за друг.
Доколку на пример одлучите со детето да играте „Не лути се човеку“, наместо да ја чистите бањата, детето ќе научи дека вашето заедничко време е поважно од се и ќе го преземе тој модел. Секако треба да му објасните дека таквите работи не можат да се одложуваат секој ден и дека во еден момент навистина морате да ја исчистите бањата. Вашите деца учат за приоритетите со гледање, а не со слушање.
Што мислите што го научивте денеска своето дете? Можеби не сте свесни, но би биле изненадени со пораките кои им ги испраќаме на своите деца токму во моментите кога немаме таква намера. На децата не можеме да им одржиме лекција за односите, емоциите и приоритетите во животот. Тие работи едноставно можеме само да им ги покажеме.
извор:нетпрес.ком.мк