ШТО ПРЕТСТАВУВА ДИЕТАТА СО СУРОВА ХРАНА?
Диетата со сурова храна се базира на консумирањето на непреработена и неготвена храна како: свежи зеленчуци и овошје, семиња, зрнести храни, плодови со јатка, сушени плодови и алги.
Некои од приврзаниците на диетата со сурова храна се и вегани, т.е. воопшто не внесуваат храна од животинско потекло, но има и такви кои консумираат сурово месо и други продукти од животинско потекло. Најчесто, најмалку 75% од храната која се внесува треба да биде сурова.
Скоро сите диети треба да се држат одреден период за да бидат ефективни. Тоа не е така со оваа диета. Нема препорачан период, затоа што диетата со сурова храна треба да се смета како начин на живот и да се практикува постојано.
ЗОШТО ДИЕТА СО СУРОВА ХРАНА?
Приврзаниците на оваа диета се стремат да јадат сурова храна, затоа што сметаат дека кога храната е готвена на температура повисока од 46°C таа ги губи ензимите, кои ѝ помагаат подобро да се вари и апсорбира од организмот.
Храната со готвењето ги губи и повеќето хранливи материи и витамините. Затоа се смета дека суровата храна е поздрава.
ПРЕДНОСТИ И НЕДОСТАТОЦИ
И диетата со сурова храна, како и другите диети има свои позитивни и негативни страни.
Предности:
- Многу подобар изглед на кожата;
- Повеќе енергија;
- Губење на телесна тежина;
- Одржување на телесна тежина;
- Намалување на нивото на лош холестерол, т.е. значително се намалува ризикот од срцеви и други кардиоваскуларни болести.
Недостатоци:
- Потребна е добра организација;
- Потребно е да бидете многу мотивирани;
- Тешка е за држење, особено кога јадете во ресторан;
- Потребна е подготовка;
- Проблеми со варењето на храната.
РЕЦЕПТИ
Еве неколку рецепти кои ќе ви помогнат да вкусите како е да сте приврзаник на диетата со сурова храна.
Сурово чили
Состојки:
- 2 чаши вода
- 4 чаши домати
- 1 супена лажица зачин чили
- ½ супена лажица кумин
- морска сол по вкус
- 2 чаши исечкани зелени и црвени пиперчиња
- ½ чаша исечкан кромид
- ½ чаша исечкан целер
Подготовка: Ставете ги доматите и зачините во блендер додека не се добие пире. Потоа додајте ги останатите состојки и мешајте додека не се соединат. Сервирајте го на собна температура или ладно.
Салата со манго и авокадо
Состојки:
- 2 манго плодови, излупени и исечкани
- 1 големо авокадо, излупено и исечкано
- 1 супена лажица сок од зелен лимон
- 1 супена лажица маслиново масло
- 1 супена лажица семе од сусам
Подготовка: Во длабок сад смешајте ги сите состојки. Сервирајте веднаш по приготвувањето.