Македонската јавност ја запозна по фестивалската победа во далечната 1995 година кога победи на „Макфест“ со песната „Не биди слеп“. Оттогаш ја снема, а сепак ја има. И се’ уште активно пее, само што таа и оваа Цветанка Глигорова се разликуваат по многу нешта…
Денес таа е дипломиран правник, па професија и е банкарската служба во една македонска банка, а пеењето втора професија или поточно хоби, како надополнување на буџетот и духовна храна за сопствената душа и душите на оние кои ја слушаат на нејзините настапи.
Фотографирањето и фотосесиите иако повремени и поретки (ако не ги броиме аматерските селфија за на социјалните мрежи) исто така беа и се’ уште се дел од нејзините задоволства. Особено откако видно ослабе, го смени имиџот, бојата на косата и… љубовниот статус! Од мажена, разведена, па сега во сериозна врска!
Пред некој ден згодната и распеана кавадарчанка славеше роденден. На дамите не им се бројат годините, ама затоа им се бројат подароците…
А убавата Цеце, сето она што го доби на подарок, го приложи во вид на фотографија на својот Инстаграм профил: торта, букет цвеќе и… веренички прстен во пакет со брачна понуда од нејзиниот избраник Крешимир Бартуловиќ, со кого таа веќе некое време е во сериозна врска, која ни самата не ја крие.
Како што не криеше да го покаже и убавиот, веројатно веренички прстен на десната рака.
А честитките и желбите за вечно заедништво од блиските и пријателите само ја потврдуваат тезата дека Цветанка Глигорова откако доби втора шанса за брачна среќа, најверојатно одново ќе го смени својот статус! Зашто, како што во едно од своите последни интервјуа самата вели: „Нејзиниот тип на маж треба да има… жена како неа“!
Епа, еве му прилика… И нему и нејзе… И нека е со среќа!
Фото: Ц.Г. / Инстаграм фото