Обожавателите на виолетовата боја сега имаат уште една причина повеќе зошто да ја сакаат токму оваа боја.
Кога станува збор за модата, токму виолетовата го зазеде престолот, како што ѝ доликува на бојата која со добра причина ја нарекуваат кралска.
Од античко време неа ја носеле кралици и кралеви. Така и Кир Велики, персискиот крал од иранската династија Ахемениди и основач на Персиската империја, носел виолетова туника како дел од неговата официјална кралска униформа.
Во феникискиот град Тир, кој денес е едно од најголемите пристаништа во Либан, се произведувала посебна виолетова боја за ткаенина која чинела колку суво злато, поради комплицираниот процес на производство. Затоа само богатите можеле да си ја дозволат, а тоа воглавно важело за припадниците на кралските семејства.
Љубителите на овие нијанси не треба премногу да ги убедувате во тоа дека виолетовата боја е совршена и за празничното уредување на домот.
Можеби не е вообичаен избор, со оглед на тоа дека во сезоната на празници класично доминираат црвената, златната и зелената боја, но таа и тоа како може да биде прекрасен додаток на божиќниот декор.
Вилетовата боја е многу доминантна и ако сакате да ја искомбинирате со некои неутрални нијанси, најдобар избор е сребрената со која одлично се вклопува.
Се разбира, правила всушност нема, бидејќи кога станува збор за украси за празници, не важи поговорката која вели ‘колку помалку-толку подобро’, па слободно може да ги мешате боите како што сакате.
Прекрасна домашна декорација ќе биде и украсен венец со додавање на вилолетови монистри или панделка, а истото важи и за украсните аранжмани со виолетови свеќи.
Ако не можете да најдете такви свеќи, едноставно изберете обични и искористете виолетови држачи за свеќи.
извор:точка.ком.мк