Поп триото Eye Cue вчеравечер, недела, 11 март 2018 во централниот Дневник на МТВ 1 ја преставија евровизиската песна со која ќе ја претставуваат годинава Македонија во Лисабон.
Како што е познато, песната се вика Lost And Found, а автор на музиката и текстот е Бојан Трајковски, инаку, гитарист и пејач во групата. Продуцент е Дарко Димитров, кој се погрижил и за аранжманот, а како режисер на видеоспотот се потпишува Јован Куциновски.
Иако пред самиот домашен избор се крена голема прашина, првичните коментари за песната на социјалните мрежи се повеќе од поволни. Многу повеќе преовладуваат позитивните, отколку негативните коментари, а за помалку од 20 часа видеото има над 182.ооо прегледи на Јутјуб.
И покрај скептицизмот која владееше на почетокот од изборот, општа оцена е дека песната е лесно допадлива, модерна, со танцувачки ритам и певлив рефрен… иако можеби е малку необично аранжмански склопена. Или како што велат некои од оние што ја преслушале во своите коментари: „Малку е чудна, но ми се допаѓа“!
Инаку, нашите евровизиски претставници, Бојан и Марија од „Ај кју“ деновиве престојуваа во Лисабон каде што ја снимаа својата евровизиска видеоразгледница. Според идејата на организаторите, оваа година разгледниците на сите земји ќе прикажуваат дел од културата и убавините на Португалија, каде истовремено се одржува и средба на шефовите на делегации на сите земји.
А Вие, ако се’ уште не сте ја слушнале и погледнале видеото, еве можност за сопствена премиера на „Lost And Found“ на Eye Cue: