Македонската естрада во целата оваа политичко-економска какофонија што ни се случува последниве години, се чини како да се изгуби во маглата! Политиката се помалку има слух за музиката, фестивалите речиси исчезнаа, медиумите, особено оние најсилните – телевизиите или не третираат домашна музика или на публиката и ја нудат на „кафено лажиче“, ионака ретките домашни концерти се поклопени со доаѓањето на оние однадвор, на кои Македонија им стана како да пеат кај себе дома во двор, печатените медиуми (дневни весници и неделни магазини) се историја, па полека и мотивот кај македонските страдни ѕвезди за било каква активност па дури и воопшто занимавање со музика полека исчезнува, се гаси…
Политиката ги отепа, ЗАМП и неговите сплетки со ланските забрани ги дотепа, игнорантскиот однос на ТВ медиумите ги закопа… па на естрадата тргна да се снаоѓа која како знае и умее!
За нашите на естрадава одвај леб имало дома, а камо ли надвор… 95% од нив, особено последнава деценија, не го поминале Табановце ( освен туристички) за да заминат во Србија, Хрватска или Босна по работа, на свирки, на настапи, на ТВ гостување, фестивали, концерти… Учеството на нашите деца по реалните музички тален шоуа од типот на Пинк и Гранд, не ги сметаме.
За разлика од нашите, нивните естрадни уметници, од големи ѕвезди до тотални анонимуси, низ државава си се шетаат како низ село без кучиња, свиркајќи си секаде каде што некој наш бифеџија ќе се сети да ги викне. Од кафулиња за 50 души, преку ноќни клубови, дискотеки и летни базени…
…Се’ до општински плоштади, ВИП Арена Борис Трајковски и Националната Арена Филип Втори…Широко им поле естрадно, македонско!
Ама по се’ изгледа дека кога живееш само од музика, маката ќе те натера да пробаш да ги отвориш и оние врати кои со челичлни синџири и катанци се затворени и изгледаат непробојни. И колку да звучи смешно или парадоксално, во целата оваа „естрадна штама и мртвило“, некои од нашите музички уметници, можеби срамежливо, ама сепак успеваат да ја пробијат бариерата наречена „Табановце“, па да заминат кај нашиот северен сосед на музичка печалба. Првиот од двата примери е нашата естрадна дива, Калиопи.
Иако на Калиопи не и прв пат да има настапи надвор од Македонија, во целото домашно сивило таа е една од светлите точки во тунелот, која успева со својата музика да ја анимира и регионалната публика. Така по неодамнешните концерти во белградски „Коларац“ или во Театарот за млади во Нови Сад, еве ја нашата „најмила“ и на осмомартовски концерт во Србија.
Утревечер, за денот жената, Калиопи со својот бенд ќе настапува во Домот на културата во Чачак. Солистички концерт на македонската поп дива со сопствена, авторска музика кај нашиот северен сосед. Чин за поздравување и респект.
Вториот пример е Александар Белов. Откако по учеството и блесокот во мјузик талент шоуто „Операција триумф“ долго тапкаше во место на домашен терен, конечно и нему му успева да почне да го гази туѓиот терен. Онаму каде што започна да биде познат, започнува да станува и се попопуларен, па откако неговите „белградски (менаџерски) врски“ проработеа, Белов се’ почесто и повеќе пее по кафулињата и клубовите во Србија, отколку дома во Македонија.
Иако можеби тоа не се настапи во кој знае какви простори, сепак двата примера покажуваа дека кога е во прашање извозот на домашната естрада, сепак нешто ( почнало да ) се движи! Можеби не така гламурозно и грандиозно, можеби скромно, но секој голем оган започнува со една искра, секој океан со една капка, па можеби така и ова!? Само да не останеме на тоа – можеби! И неколкуте светли точки во мракот… Во циркузот естраден, македонски!