Македонскиот ТВ водител, актер и шоумен Игор Џамбазов и неговиот блуз гуру, Игор Атанасовски алиас Гуру Харе со уште една заедничка соработка. Овој пат во темата која веројатно и автобиографски полека почнува да ги допира, насловена „Староста доаѓа“.

Ниту престари за „пензија“, а уште помалку за рок ен рол, Харе и Џамбазов направиле извонреден спој на џезот и блузот, каде во синтезата на овие два правци провејува одличниот текст и стиховите кои како и музиката, ги напишал самиот Гуру Харе.

Кога на сето тоа ќе му се додаде емотивниот и полн со патина, но сепак смирувачки вокал и театралната изведба на мајсторот Џамбазов, кој на ионака одличниот инструментален амбиент на песната и вдахнал душа, тогаш се добива ретко квалитетен производ кој не може баш секојдевно да се слушне… Барем не на нашиве простори.

Харе и Џамбаз покажале дека се уште го имаат блузот во вените, но дека и останатите музички форми како смут или лајт џезот не им се туѓи, како надополнување за создавање на единствена амбиетално-звучна слика… Нешто како J. J. Cale и Leonard Cohen во едно, на македонски начин.
А за истата таа слика да биде комплетна, се погрижиле режисерот и монтажер Огнен Шапковски и екипата од Мелем продукција, чија визуелизација на амбиентот созадава единствена претстава не само за уши, туку и за очи!

Како што веќе споменавме, музиката и текстот се на: Игор Атанасоски Харе, вокалот на Игор Џамбазов, гитарите ги свири – Игор Атанасоски Харе, бас – Трајко Симоновски Таци, тапани – Златко Михајловски Бумбар. Сето тоа е снимено кај Таци, а миксано во студиото „Тралала“ кај Мите Димовски.

Видеото го реализирала споменатата „Мелем продукција“ – режија и монтажа: Огнен Шапковски, директор на фотографија: Кристијан Теодоров, прв асистент: Борис Јосифовски, втор асистент. Александар Ивановски, визуелни ефекти: Иван Куртевски, сценографија: Влатко Чачоровски, а фотограф на сет бил Стефан Дамјаноски. Гафер: Иван Ѓоршев, шминката е на Елена Евгенија, а возач бил Јоцо Караѓорѓевиќ.
Како звучи и изгледа кога „Староста доаѓа“ проследете премиерно во продолжение: