Живот и Стил

Има 110 години, го преживеала шпанскиот грип и граѓанската војна, а сега му пркоси на коронавирусот (видео)

Има 110 години, го преживеала шпанскиот грип и граѓанската војна, а сега му пркоси на коронавирусот (видео)

Луиза Васкез де Силва, родена пред 110 години во гратчето Понтеведра на северот на Шпанија, го преживеала шпанскиот грип и граѓанската војна, а сега е уверена дека ќе го надживее и коронавирусот.

Позната под прекарот Лулу, енергичната старица сонува за укинување на рестрикциите под кои се наоѓаат 47 милиони жители на Шпанија, затворени во своите домови. Таа едвај го чека моментот кога ќе ги протегне нозете на сончевите улици бидејќи, како што вели, пристигнува пролетта.

Ако некој знае како да се справи со пандемијата, тоа е токму Луиза. Таа го преживеала смртоносниот грип во 1918 година, иако признава дека не се сеќава добро на тој период.

“Бев многу мала, имав 7 или 8 години”, изјавила старицата за шпанската телевизија “TVE”.

Потоа преживеала друга огромна трагедија во својата земја – граѓанската војна од 1936 до 1939 година, а била сведок и на диктатурата и воведувањето на демократијата.

Иако нема деца, Лулу има 87 поблиски и подалечни роднини. Некои од нив иако не живеат во Понтеведра, пристигнале во гратчето во покраината Галиција за да ја изненадат за нејзиниот 110-ти роденден.

Во договор со месната управа, четворица од нив со заштитни маски и ракавици дошле пред влезот на нејзината зграда и го кренале транспарентот на кој пишувало “Среќен 110-ти роденден”.

Но, тоа не било сè – четири полициски автомобили со вклучени ротациони светла и сирени, во нејзина чест се паркирале во колона пред влезот. Кога Лулу излегла на прозорецот да види што се случува, полицајците стоеле на улица и аплаудирале. Сите заедно потоа ѝ ја отпеале роденденската песна.

фото:принтскрин/јутјуб

Старицата полна со емоции и со широка насмевка им мавтала од прозорецот на третиот кат.

“Не го очекував ова, ова беше вистинско изненадување”, истакнала таа.

Со ваквиот гест, Понтеведра дополнително ја охрабрила својата најстара жителка помеѓу 83.000 жители во моментот кога коронавирусот рапидно се шири низ Шпанија. Досега од вирусот починаа 9.053 лица, а повеќе жртви од Шпанија има само Италија.

извор:точка.ком.мк

To top