Живот и Стил

Пред 25 години ѝ давале шест месеци живот: Ова чудо никој од докторите не го очекувал

Пред 25 години ѝ давале шест месеци живот: Ова чудо никој од докторите не го очекувал

Австралијанката Лин Парент, во 1992 година отишла со својата сестра во салон за тетовирање и тоа само за да ја охрабри помладата сестра, која отсекогаш сакала да се тетовира. Не ни помислувала дека таа нагла одлука ќе го промени нејзиниот живот.

Откако, сега 57-годишната Лин, направила тетоважа, таа се заразила со ХИВ. Денес, по повеќе од 25 години, Лин е сè уште жива и има позитивен став кон животот и смртта, благодарение на кој секој ден живее како да е последен.

Таа за Daily Mail открила што навистина се случило на тој кобен ден и како дознала дека е ХИВ позитивна. Парент напоменува дека одлуката да истетовира мала пеперутка на долниот дел од стомакот била спонтана, без премногу размслување.

“Сите супермодели имаа тетоважи кои беа многу популарни, а во секунда ја донесов одлуката која ми го промени целиот живот”, вака ја започнала својата приказна.

“Се сеќавам дека забележав како тату мајсторот тетовираше еден маж пред мене и не ја смени иглата. Во тој момент, тоа не ме загрижуваше. Тогаш не размислувавме за такви работи. Ѝ кажав на сестра ми дека јас ќе одам прва бидејќи сум постара. Откако заврши со мојата тетоважа, тој ја смени иглата”, се присетила Лин.

Недолго по тоа, таа заминала на Корзика каде работела како туристички водич, а осум недели по тетовирањето започнале да се појавуваат симптоми слични на грип.

“Лицето ми беше жолто, немав апетит и постојано ми се спиеше. Отидов на преглед каде ми измерија необично висока температура, па затоа отидов и кај специјалист кој се сомневаше дека имам маларија. По десет дена и бројни прегледи, докторите и понатаму немаа одговор”, изјавила таа.

“Спиев по 22 часа дневно и мајка ми повторно ме прати во болница. Специјалистката ми објасни дека мора да ме тестираат на сите можни болести, вклучувајќи и ХИВ”.

Следниот ден, во октомври 1992 година, засекогаш ќе остане во сеќавањето на Лин.

“Се сеќавам на нејзиниот говор на телото и чувството дека ќе слушнам нешто грозно. Тогаш ми рече дека имам ХИВ и дека ми преостануваат уште шест месеци живот, кои треба да ги искористам за сите работи кои сакам да ги решам и искусам. Додека ми зборуваше, во главата ми одѕвонуваше само тоа дека имам уште шест месеци живот”, се присетува Парент.

“Бев во целосен шок. Не знаев откаде сум добила ХИВ. Откако докторите ги повикаа на тестирање моите тројца поранешни партнери, специјалистот заклучи дека сум се заразила со ХИВ од иглата која ја користел тату мајсторот. Се сеќавам дека бев во шок, не мислев дека тоа е воопшто можно”, објаснува Лин.

По ова трауматично искуство, Парент одлучила да ја посети својата фамилија во Австралија со намера да се прости со сите. Во тоа време го запознала својот, денес веќе поранешен маж, во кој се заљубила и решила да се пресели во Нов Зеланд, каде уживала во животот без стрес и секојдневни проблеми.

“Сакав да го живеам секој ден како да ми е последен, а по една година во Нов Зеланд, јас малку се опуштив. Бев сè уште жива”.

Денес Лин е мајка на две здрави деца, Франсоа и Амира. Од моментот кога дознала дека боледува од ХИВ одлучила да се посвети на едукација на луѓето за ХИВ и СИДА, тема за која многумина знаат само површно.

“Започнав со StyleAid во Австралија преку кој со разни донации и продажба на облека се собираат пари за помош на жените и децата заразени со ХИВ. Секој може да добие ХИВ или СИДА и важно е луѓето да се свесни на кои начини можат да се заштитат. Сметам дека тестирањата треба да бидат задолжителни, како тестирањето и на други преносни болести”, раскажала Лин.

“Не жалам за ништо. Размислувам на добрите и позитивни работи. Да не се заразев со ХИВ, веројатно не би направила толку нешта во животот. Својата приказна ја споделувам со младите луѓе и секогаш кога имам прилика, го споделувам и своето знаење и искуство со ХИВ. Научив како да го грабнам животот за рогови и така сум посреќна отколку да размислувам за својот живот и каков ќе биде истиот за десет години”, заклучува таа.

извор:точка.мк
To top