Македонската фолк пејачка, тетовчанката Снеже Радичевска, со песната и спотот „На сред село, чешма шарена“ го најавува и својот прв солистички албум насловен „Желбо моја“ .
Видеото инаку е снимено на внимателно избрани локации, за реално да се долови суштината на песната, која е само уште еден показател дека имаме непресушен извор од каде „излегуваат“ навистина убави македонски таленти и фолк музика.
„Спотот се снимаше на две локации: во кругот на „Лешочкиот манастир“ и во селото Беловиште, тетовско, и се надевам дека навистина ќе наиде на убави коментари од публиката. Песната со која го најавуваме албумот е сосем случајно избрана за прва да биде промовирана, бидејќи сите ми се посебно драги“ – вели Снеже.
На албумот „Желбо моја“ ќе се најдат девет, новокомпонирани, новосоздадени македонски песни, со фолк, етно, па дури и поп-фолк призвук, а поголемиот дел се работени во студиото „Гранд“, заедно со Далибор Ѓошиќ.
Освен Далибор и неговото „Гранд студио“, на албумот како соработници се потпишуваат и Дејан Момировски, Борче Нечовски, Љупчо Павлоски, Љупче Василев…
Наскоро Снеже, ја очекува и турнеја надвор од Македонија, каде оди заедно со Далибор Ѓошиќ, а песните од нејзиниот нов албум први ќе ги слушнат нашинците кои живеат во Шведска, Данска, Австралија и Америка.