Високиот крвен притисок е многу честа здравствена состојба која треба да се смета за сериозна прикриена закана за здравјето. Уште се нарекува и тивок убиец, затоа што не предизвикува забележливи симптоми или предупредувачки знаци сè додека не се развијат компликации. Покачениот крвен притисок, кој се означува со терминот хипертензија, го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, мозочен удар, па дури и проблеми со бубрезите.
На луѓето кои страдаат од хипертензија често им се потребни лекови за регулирање на крвниот притисок. Но, промените во начинот на живот и исхраната можат значително да придонесат за подобрување на состојбата. Многумина успеваат на природен начин да го контролираат крвниот притисок и кај нив исчезнува неопходноста од употреба на медикаментозна терапија. Еве неколку ефективни природни начини за регулирање на крвниот притисок:
- Консумирајте банани Бананите се богат извор на калиум, а докторите порачуваат дека калиумот е особено полезен за лицата кои страдаат од висок крвен притисок. Освен банани, се препорачува и консумирање на неизлупени печени компири, свеж сок од портокал и јогурт со низок процент на масти.
- Намалете го внесувањето на сол до 5 грама дневно Крвниот притисок на некои луѓе е многу почувствителен на натриум. Познато е дека најмногу натриум внесуваме преку солта, па ограничувањето на консумираното количество сол може да им помогне на одредени индивидуи за намалување на крвниот притисок. Наместо сол, за приготвување на јадењата користете други зачини. Преработената храна многу често содржи многу сол, па внимателно читајте ги етикетите на производите.
- Умерено консумирајте темно чоколадо со минимум 70% какао Вкусен метод за намалување на крвниот притисок е консумирањето на темно чоколадо. Научниците во неколку наврати докажале дека чоколадото кое содржи минимум 70% какао помага за намалување на крвниот притисок кај луѓето кои имаат хипертензија. Препорачаната дневна доза е 100 грама.
- Вежбајте 30 минути во повеќето денови од неделата Изберете каква било активност и барем 4-5 дена неделно практикувајте ја по половина час. Во согласност со вашите можности, можете да изберете пешачење, возење велосипед, трчање, пливање или аеробик. Кардиолозите тврдат дека луѓето кои го прекинале заседнатиот начин на живот и започнале да се рекреираат со аеробик вежби успеваат да го снижат крвниот притисок со 4-9 mmHg.
- Одржувајте здрава телесна тежина Зголемувањето на телесната тежина е поврзано со зголемувањето на крвниот притисок. Ако имате проблеми со тежината, вложете напори да го изгубите вишокот килограми. Како што ќе ја намалувате телесната тежина, така ќе се намалува и вашиот притисок. Имајте во предвид дека луѓето кои имаат многу масти на стомакот се изложени на поголем ризик од хипертензија. Не дозволувајте обемот на стомакот да ви биде поголем од 88 сантиметри ако сте жена или 102 сантиметри ако сте маж, затоа што тогаш ризикот од висок крвен притисок и срцеви болести е значително повисок.
- Уживајте со мала количина алкохол Во мали количини алкохолот може да биде полезен и да го намали крвниот притисок со 2-4mmHg. Но, во големи количини не само што не носи никакви бенефиции, туку има и негативен ефект. Никогаш не пијте повеќе од еден пијалак дневно ако сте жена и два ако сте маж. Тоа значи дека 150ml вино дневно се во границите на дозволеното. Ако досега не сте консумирале алкохол, не треба да започнувате да го правите тоа со идеја да го намалите крвниот притисок.
- Заборавете на цигарите Зголемувањето на крвниот притисок е само една од лошите последици на пушењето. Вдишувањето на чадот го зголемува крвниот притисок со околу 10mmHg и го одржува покачен во текот на еден час по пушењето на цигарата. Ако сте страстен пушач и пушите постојано, тоа значи дека крвниот притисок ви останува покачен во текот на целиот ден. Пасивното пушење исто така треба да го гледате како закана за здравјето.
- Намалете го кофеинот Сè уште не може да се каже со сигурност дали кофеинот долготрајно го зголемува крвниот притисок или има само краткотраен ефект. И покрај тоа, медицинските експерти препорачуваат намалување на внесувањето на кофеин преку кафе или други пијалаци. Не консумирајте повеќе од две кафиња дневно.
- Релаксирајте се со музика Хармоничните мелодии на класичната музика можат да дејствуваат како терапија за лицата со висок крвен притисок. Експертите препорачуваат секојдневна 30-минутна релаксација со слушање на класична или друг тип на релаксирачка музика и длабоко дишење за контролирање на хипертензијата.
- Намалете го стресот Не напразно се вели дека стресот е најголемиот причинител на болести. Експертите предупредуваат дека има голема поврзаност помеѓу стресот и анксиозноста и крвниот притисок. Кога сте под стрес, во телото се произведуваат хормони кои привремено го зголемуваат крвниот притисок, бидејќи предизвикуваат забрзан ритам на срцето и стеснување на крвните садови. Затоа, стремете се што повеќе да го редуцирате стресот во вашиот живот. Техниките за длабоко дишење и физичката активност се одлични методи за намалување на вознемиреноста и напнатоста. Голем број медицински лица препорачуваат јога или медитација како ефективни начини за минимизирање на стресот.
Поради фактот што високиот крвен притисок не покажува симптоми, многу се важни редовните мерења. Особено внимателни треба да бидат луѓето кои страдаат од дијабетес, затоа што 60% од нив имаат и висок крвен притисок.