Пазарот за невести се одржува четири пати во текот на годината, а тогаш младите Ромки ја облекуваат најубавата облека, се дотеруваат и се шминкаат, за да го привлечат вниманието на потенцијалните сопрузи.
Овој обичај се одржува со децении наназад. Додека семејствата на мажите се обидуваат да најдат соодветни невести, семејствата на девојките се обидуваат од бракот да извлечат финансиски бенифит.
Сето ова е нормално за мене, сите велат дека тука сме на продажба, но не е точно. Парите се даваат поради традицијата. Откако момчето и девојката ќе се запознаат, неговите родители одлучуваат дали ја сакаат таа девојка во нивниот дом. Ова е проследено со договор, веридба и конечно свадба – вели една од девојките.
Родителите на девојките мораат да им дадат дозвола на момчињата, а тоа најмногу се дава врз основа на богатството што момчињата го истакнуваат со златни ланци околу вратот.
На пазарот за невести учествуваат семејства од Стара Загора, каде живеат околу 18 илјади Роми. Тие се познати како Калаиџи и традиционално за живот заработуваат од склопување на бракови.
Парите се чест. Ако го давам детето без надомест значи дека јас сум просјак без авторитет, дека никој нема почит кон мене, тоа автоматски значи дека моето дете нема да биде почитувано и целото семејство губи почит, ќе рече Атанас, татко на една од девојките.
Пазарот за невести е можност за локалните Роми да се сретнат и зборуваат но и да се обидат да им најдат соодветен партнер на нивните деца. Со оглед дека во оваа заедница владеат исклучително конзервативни ставови, момчињата и девојчињата ретко кога имаат можност да поминат заедничко време.