Живот и Стил

Ви треба мини одмор? Овие дестинации се како создадени за есенски туризам

Ви треба мини одмор? Овие дестинации се како создадени за есенски туризам

Летото и сезоната на годишните одмори одамна заврши, но доколку сте еден од оние среќници на кои им преостанале уште неколку слободни денови или сте го прескокнале летниот одмор – овие дестинации се создадени за авантура во текот на прекрасната есен.

Наместо да ги гледате летните фотографии со носталгија, обидете се да си овозможите барем кратко патување на местата кои блескаат во есенскиот период, без преголем метеж и летна жега.

Сиот раскош на Италија

Римјаните го користат изразот “римски октомври” за да опишат колку е прекрасна престолнината на Италија во текот на есента. Како и секој главен град, така и Рим оживува по летната меланхолија. Градот станува разигран, туристите се во помал број, а времето е идеално за седење во некоја градина и уживање во прекрасната храна и вино.

Овој период е воедно добар и за обиколка на Кастели Романи, но и за романтичниот брег на Амалфи. Ќе ве воодушеват и Поситано, Соренто и Капри…

Истанбулско биенале

Културни случувања? Фантастично време? Истанбул е идеалното решение. Моментално во Истанбул е во тек Истанбулското биенале кое нуди бројни уметнички изложби и случувања низ градот, а истото трае до 10-ти ноември. Без оглед дали за првпат ќе го посетите овој град или повторно ѝ се враќате на оваа убавица, не треба да ги заборавите посетите на палатата Топкапи, Аја Софија и Големиот базар.

Романтичната Франција

Романтика, романтика, уметност… Одговорот е Париз! Треба да имате на ум дека оваа година се одржува еден од најголемите културни настани, по повод одбележување на 500 години ренесанса. По тој повод, Лувр е домаќин на огромни изложби на делата на Леонардо Да Винчи. Освен музејските поставки, бројни настани поврзани со оваа изложба ќе се одржат и во долината на Лоар, каде уметникот ги поминал своите последни години од животот.

Кога сте веќе во Франција, есента е најдобро време за посета на Прованса. Можеби не е сезона на цветање на лавандата, но затоа е во тек сезоната на берба на грозје, маслинки и тартуфи.

Дали некој ја спомена Андалузија?

Кога е во прашање сезоната на берба на грозје, прекрасното време и колоритните пејсажи, ни Шпанија не заостанува зад Италија и Франција. Климата во Мадрид во текот на есента е блага и сончева сè до почетокот на октомври, кога речиси преку ноќ се претвора во празнична, зимска идила.

Ако барате малку поинаква Шпанија, сосредоточете се на магичната Андалузија. Малага е позната по врелите лета и прекрасните плажи, но умерените температури во текот на есента се идеални за одмор.

Или едноставно – Амстердам

Токму како и сезоната на лалиња, есенската сезона е подеднакво убава во Холандија. Амстердам го добива својот полн сјај, а освен тоа Националниот музеј оваа година одбележува 350 години од смртта на Рембрант, со низа изложби.

Нешто постуденото време од гореспоменатите дестинации е идеално за романтични моменти во некои од бројните градски кафулиња со пиво или чаша холандски џин.

извор: точка.мк

To top